„Резултатот е Албанија да оди напред. Таа го прифати бугарското малцинство, а колегите од Северна Македонија ќе мора да ги поднесат последиците од нивното досегашно однесување“, вели лидерот на ГЕРБ и експремиер
За лидерот на Продлжуваме со промените, Кирил Петков, пак, Северна Македонија мора да одлучи дали сака да ги прифати Бугарите во својот Устав или да го запре патот кон Европската Унија
Бугарија и Северна Македонија потпишаа Договор за добрососедство што е вклучен во Преговарачката рамка и никој не може да отстапи од него. Ова денеска го изјави Бојко Борисов, лидерот на партијата ГЕРБ, воедно и претседател на Комисијата за надворешна политика во Народното собрание на Бугарија, коментирајќи ја вчерашната одлука на амбасадорите на земјите членки на ЕУ за продолжување на преговорите за членство со Албанија одвоено од Северна Македонија.
Одлуката вчеравечер беше објавена од повеќе бугарски медиуми, а денеска свои коментари дадоа поранешните премиери на Бугарија, Бојко Борисов и Кирил Петков. Ги повикаа властите во Северна Македонија да одлучат дали ќе ги внесат Бугарите во Уставот или патот на државата кон ЕУ ќе остане затворен. И двајцата порачуваат дека Договорот за добрососедство потпишан во 2017 г. мора да се почитува.
Борисов смета дека бугарската страна треба да остане трпелива и умерена во коментарите.
„Не треба да бидеме агресивни, зашто тактиката на нашите колеги од Северна Македонија е ние да излеземе виновни“,
вели тој.
Борисов рече дека сака да го увери бугарскиот народ дека нивниот збор е слушнат во Европската народна партија, во Европскиот совет и Европската комисија, како и дека бугарската држава не треба да реагира емотивно.
„Така функционираат европските институции. Не се закануваат, не се навредуваат. Резултатот е Албанија да оди напред. Таа го прифати бугарското малцинство, а колегите од Северна Македонија ќе мора да ги поднесат последиците од нивното досегашно однесување“,
рече Борисов.
Според него, Бугарија не го наруши добриот тон зашто е побарана само оставка од вицепремиерот Александар Николоски, нешто што смета дека е нормално.
„Како држава мора да се исправиме и да го следиме тонот на еден министер“,
вели лидерот на ГЕРБ.
Во пресрет на денешниот состанок на Комисијата за надворешна политика во бугарскиот парламент, на кој се очекува да се разгледува декларацијата за Северна Македонија поднесена од крајнодесничарската бугарска партија Преродба, Борисов посочи дека ќе се обиде да ги убеди членовите на Комисијата да не дејствуваат емотивно, туку разумно и прагматично.
Копретседателот на партијата Продолжуваме со промените (ПП), Кирил Петков, пак, смета дека Северна Македонија мора да одлучи дали сака да ги прифати Бугарите во својот Устав или да го запре патот кон Европската Унија.
„Договорот што го направивме во времето на нашата влада – францускиот предлог, се покажа како добар за Бугарија. Реално, целата Европска Унија застана на страната на Бугарија. Сега Северна Македонија мора да одлучи дали сака да ги прифати Бугарите во својот Устав или нејзиниот пат кон Европа е затворен. Се надевам дека ќе се преиспитаат бидејќи она што се случи сега е дека Албанија се одделува од нив и го продолжува патот кон ЕУ“,
рече Петков.
Одлуката за одвојувањето на Албанија и Северна Македонија кон патот на ЕУ ја коментира и првиот човек на партијата Преродба, Костадин Костадинов, посочувајќи дека македонската држава, особено по изборите годинава, одбива да го исполни договорот со Бугарија и со партнерите во ЕУ.
„Северна Македонија има две опции – или ќе го признае присутвото на Бугарите како државотворен елемент на својата земја или ќе остане надвор од преговарачкиот процес“,
рече тој.
Како што пишува паневропската новинската мрежа специјализирана за европски прашања „Еурактив“, патот на Албанија за пристапување во Европската Унија ќе биде одвоен од Северна Македонија, а првиот преговарачки кластер Тирана официјално ќе го отвори на 15 октомври. Така едногласно одлучиле вчера амбасадорите на земјите членки на ЕУ.
Медиумот потсетува дека патот на двете земји од Западен Балкан за пристапување во Европската Унија беше споен и дека двете заедно ги започнаа преговорите за членство во јули 2022 година.