Отсекогаш верував дека интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ е клучна за мирот, разбирањето и просперитетот, вели поранешниот бугарски премиер

Поранешниот бугарски премиер и лидер на партијата ГЕРБ, Бојко Борисов, преку социјалните мрежи честиташе за, како што вели, мудрата и одговорна одлука на македонскиот парламент.
Честитката на Борисов се однесува на изгласувањето на заклучоците за францускиот предлог за решавање на спорот помеѓу Скопје и Софија и предлог-преговарачката рамка за Северна Македонија со ЕУ.
„Честитки за мудрата и одговорна одлука на македонското Собрание со која се отвораат вратите за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Ова е процес што го започнавме заедно уште во 2017 година кога го потпишавме Договорот за добрососедство и ја истакнавме заедничката историја меѓу нашите две земји. За време на бугарското претседавање со ЕУ во 2018 година ние бевме тие што ја вративме темата за проширувањето на агендата на Европа. Отсекогаш верував дека интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ е клучна за мирот, разбирањето и просперитетот“,
вели Борисов.
Утре во Софија ќе се одржи и состанок на мешовитата меѓувладина комисија на кој министрите за надворешни работи на Северна Македонија и Бугарија, Бујар Османи и Теодора Генчовска, треба да го потпишат и протоколот.
Ова следува откако по изгласувањето на заклучоците во македонското Собрание, владата одржа седница на која одлучи да го прифати францускиот предлог. За во вторник (19 јули) пак, е најавена првата меѓувладина конференција.