Шефот на европската дипломатија рече дека ова ќе биде важен дел од дискусијата на денешниот самит на министрите за одбрана на земјите членки на ЕУ, на кој ќе присуствува и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг
Високиот претставник на Европската Унија за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел, денеска ги повика земјите членки на Унијата дека треба да ги балансираат стравувањата од ескалација на конфликтот во Украина со потребата на земјата да се брани. Изјавата на Борел е во контекст на неговиот став дека Киев има право да користи западно оружје за напади на цели во Русија, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа, повикувајќи се на новинската агенција АФП.

„Тоа не е само во рамките на законот на војната, тоа е совршено можно, тоа не е никаква контрадикција. Сигурно некои ќе го стават на маса. Но, мора да го балансирате ризикот од ескалација и потребата Украинците да се бранат“,
изјави Борел.
Шефот на европската дипломатија рече дека ова ќе биде важен дел од дискусијата на денешниот самит на министрите за одбрана на земјите членки на ЕУ, на кој ќе присуствува и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Се очекува тој да ги повика членките на ЕУ кои имаат свое оружје во Украина да дозволат тоа да биде користено и врз цели на руска територија.
Сепак, некои од земјите членки се загрижени дека ваквиот потег би довел од ескалација на конфликтот.
Во меѓувреме, Украина продолжува да бара од своите западни сојузници Украина да ѝ дозволат да гаѓа цели во Русија користејќи оружје со поголем дострел што Киев го добива од сојузниците.
Главните поддржувачи на Украина, меѓу кои се САД и Германија, се резервирани во врска со евентуални напади преку границата поради стравот дека тоа би можело да ги доближи до директен конфликт со Москва.
Од друга страна, ставот на Борел ја има поддршката од неколку други министри за одбрана на состанокот во Брисел.
Холандската министерка Кајса Олонгрен рече дека Холандија нема ограничувања и дека се надева дека другите земји кои мислат поинаку ќе ги променат своите ставови.
„Сосема е можно тие да треба да удрат и внатре во Русија“,
рече Олонгрен, додавајќи дека според неа тоа не треба да биде прашање за дебата.
Естонскиот министер Хано Певкур вели дека „навистина се надева оти сите земји што ги имаат овие средства ќе и дадат дозвола и на Украина“.
„Не може да биде нормално Русија да напаѓа многу длабоко во украинска територија, а Украинците да се борат со едната рака зад грб“,
рече тој.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг вчера изјави дека е дојдено време сојузниците да ги преиспитаат своите ограничувања, особено кога Русија го напаѓа украинскиот град Харков од нејзина територија.

Дебатата за украинските напади внатре во Русија доаѓа во момент кога земјите на НАТО се обидуваат да обезбедат системи за противвоздушна одбрана што му се очајно потребни на Киев.
Столтенберг минатиот месец рече дека сојузниците се согласиле да обезбедат повеќе воздушна одбрана, но оттогаш не се ветени нови системи.
Холандската министерка Олонгрен рече дека Холандија сега работи на иницијатива за обезбедување на системот за воздушна одбрана „Патриот“ во тесна соработка со неколку партнери, а кој би требало да биде распореден во Украина.