Во авторски текст за српскиот дневен весник „Политика“, Борел оценува дека санкциите против Русија веќе силно влијаат на Путин и неговите поддржувачи, а ефектите врз руската економија сè повеќе ќе се зголемуваат
Високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика, Жозеп Борел, оцени дека санкциите против Русија веќе силно влијаат на Владимир Путин и неговите соработници, а нивните ефекти врз руската економија ќе се зголемуваат со текот на времето.
„Дали овие значајни и растечки влијанија ќе го наведат Владимир Путин да ги измени своите стратешки планови? Веројатно не во блиска иднина: неговите постапки не се водени од економската логика“,
вели високиот претставник на ЕУ во авторски текст во српскиот весник „Политика“.
Сепак, додава тој, присилувајќи го да избира меѓу економскиот раст и оружјето, санкциите го ставаат во ситуација која постепено се заострува.
„Спротивно на она што прилично наивно го мислевме пред неколку години, економската меѓузависност не значи автоматски смирување на меѓународните односи. Затоа е императив транзицијата во Европа како сила, на која повикувам од почетокот на мандатот“,
посочи тој.
Како што вели „во пресрет на инвазијата на Украина, почнавме да преминуваме од намера во акција, покажувајќи дека, кога ќе биде испровоцирана, Европа може да дејствува“.
„Бидејќи не сакаме да влеземе во војна со Русија, економските санкции сега се во срцето на овој одговор. Тие веќе почнуваат да дејствуваат и тоа ќе го прават уште повеќе во наредните месеци“,
пишува во текстот високиот претставник на ЕУ за надворешна политика.