Според него, мора да се гледа кон иднината на постконфликтно сценарио на долг рок и да се работи на постигнување мировно решение меѓу Палестинците и Израелците и во целиот регион, за да се избегне ескалација и проширување на конфликтот во соседните региони околу Израел
На денешното заседание на Советот за надворешни работи на ЕУ предложив рамка за решавање на израелско-палестинскиот конфликт, која се базира на три „не“ и три „да“, изјави високиот претставник на Европската Унија за надворешни работи и безбедност, Жосеп Борел, по завршувањето на денешната средба на шефовите на дипломатиите на земјите членки на Унијата.
Единствена палестинска управа
Тој потенцира дека тие три „не“ се – „не“ за принудно раселување и протерување на Палестинците од Газа, „не“ за намалување на нејзината територија и израелската реокупација и „не“ за враќање на Хамас, а трите „да“ се – „да“ за единствена палестинска управа што ќе има силна меѓународна поддршка, „да“ за посилно арапско вклучување во изнаоѓањето сеопфатно решение за Палестинците и нивни политички придонес во создавањето на палестинската држава и „да“ за поголема вклученост на ОН во регионот и во изградбата на палестинската држава.
„Оваа голема загуба на човечки животи, и на израелски и на палестински, е неуспех на меѓународната заедница во изнаоѓањето на решение за оваа ситуација. Луѓето мора да сфатат дека решението е во две држави. Не се работи само за обнова на Газа, тоа го правевме неколку пати, туку и да изградиме држава на Палестинците“,
порача Борел.
Според него, мора да се гледа кон иднината на постконфликтно сценарио на долг рок и да се работи на постигнување мировно решение меѓу Палестинците и Израелците и во целиот регион, за да се избегне ескалација и проширување на конфликтот во соседните региони околу Израел.
Борел потсети дека во текот на вчерашниот ден била усогласена заедничката изјава меѓу сите 27 членки на ЕУ со која се бараат итни паузи на непријателствата меѓу Израел и Хамас и отворање хуманитарни коридори за доставување на неопходната помош на населението во Газа, по која се дискутирало на денешното ноемвриско заседание на Советот.
Борел информира дека еврокомесарот за справување со кризи Јанез Ленарчич ги информирал министрите за состојбата на теренот, каде што, како што рече, има над 11 000 загинати, од кои многу се жени и деца, а има и голем недостиг на вода, лекови и храна.
„Има 1,5 милиони внатрешно раселени лица во Газа и уште многу се движат од северот кон југот. Но, стотици илјади се уште се наоѓаат во северна Газа, каде што е многу тешко да се достави хуманитарна помош“,
рече Борел.
Тој посочи дека просечно преку граничниот премин Рафах во Газа влегуваат по околу 40 камиони дневно што доставуваат хуманитарна помош, што е многу малку во споредба со по 500 камиони на ден, колку што пристигнувале во Појасот пред почетокот на војната.
„Многу загрижувачка е и состојбата со болниците од кои многу доживеаја колапс или се на работ на колапс. Дваесет од 35 болници во Газа престанаа да функционираат. Тие немаат гориво, а без гориво не можат да функционираат, да обезбедат чиста вода или струја“,
додаде Борел.
Тој потсети дека Европската комисија одвои дополнителна помош за Газа, но таа ќе биде бесцелна ако не се достави и не стигне до оние на кои им е потребна.
„Изразивме загриженост за користењето на цивилите како жив штит и повикавме на итно и безусловно ослободување на сите заложници и на Црвениот крст да му се дозволи пристап до нив“,
рече Борел.
Украина останува високо на агендата на ЕУ
Втора тема на која се разговарало на Советот на Европа била Украина, која, како што потенцира Борел, останува високо на агендата на ЕУ и фокусот не се одвлекува од неа и покрај случувањата на Блискиот Исток.
„Знаеме дека (рускиот претседател Владимир) Путин одново сака да ги користи како оружје гладта и зимата, студот и храната. Намерно се напаѓаат енергетската и извозната инфраструктура на Украина, со што се нанесува штета не само на земјата, туку и на целиот свет. Затоа мора да продолжиме со поддршката за Украина. Путин верува дека демократијата е слаба и дека ќе се откажеме, но мора да му покажеме дека тоа нема да се случи“,
истакна Борел.
Тој потсети дека во рамките на поддршката на Украина, ЕК даде препорака за почеток на преговорите за членство на земјата во ЕУ, а продолжува и воената поддршка за Киев.
Борел најави дека во рамките на таа безбедносна посветеност од ЕУ, во Киев ќе замине делегација на Унијата за да разговара со украинските власти за предлозите на Унијата за Механизмот за поддршката на земјата, кој ќе биде претставен во конечна верзија на Европскиот самит во декември.
„Друг приоритет е мировната формула како единствен предлог за праведен и одржлив мир за кој се разговара на меѓународно ниво. Работиме и на финализирање на 12-от пакет на рестриктивни мерки, што ќе биде предложен пред Советот заедно со предлогот на ЕК за регулативата за нивна имплементација“,
рече Борел, додавајќи дека тоа може да се случи уште в среда.
Тој пакет санкции, според него, ќе вклучи додавање на нови лица на листата на санкционирани, ограничување на одредени стоки, како дијамантите и намалување на јазот меѓу цените на нафтата.
По завршувањето на прес-конференцијата Борел замина на средба на шефовите на дипломатиите на државите од Западниот Балкан и на земјите членки на ЕУ, чија цел според најавите е дополнително да се интензивира ангажманот на Унијата со земјите од регионот, со акцент на заедничката надворешна и безбедносна политика на блокот во контекст на геополитичките предизвици во европското соседство.
Средбите во овој формат резултираа со Декларацијата од Тирана усогласена на Самитот ЕУ-Западен Балкан на 6 декември 2022 година, со која лидерите учесници ја изразија својата решителност да се забрза и продлабочи политичкиот ангажман, вклучително и преку учество на партнерите од Западен Балкан во настани на високо ниво на ЕУ и преку редовни дијалози за заедничката надворешна и безбедносна политика.
На состанокот, Северна Македонија ја претставува заменик-министерката за надворешни работи Фатмире Исаки.