Високиот претставник на ЕУ ги поддржа повиците на шефот на Обединетите нации, Антонио Гутереш, за пауза на војната меѓу завојуваните страни опишувајќи ја ограничената понуда на хуманитарната помош како „недоволна“. Кажа оти најважното нешто е во Појасот Газа, кој е дом на повеќе од два милиони луѓе, да биде испратена поголема хуманитарна помош
Европската Унија (ЕУ) не може да прогласи туку само да поддржи привремен хуманитарен прекин на огнот договорен меѓу Израел и Хамас. Ова го изјави високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел, по средбата на европските министри за надворешни работи во Луксембург на која се дебатираше за пауза во борбите помеѓу Израел и Хамас поради предупредувањата за хуманитарна криза.
Борел ги поддржа повиците на шефот на Обединетите нации, Антонио Гутереш, за пауза на војната меѓу завојуваните страни, опишувајќи ја ограничената понуда на хуманитарната помош како „недоволна“. Кажа оти најважното нешто е во Појасот Газа, кој е дом на повеќе од два милиони луѓе, да биде испратена поголема хуманитарна помош.
„Лично, мислам дека е потребна хуманитарна пауза за да може хуманитарната поддршка да се дистрибуира, со оглед на тоа дека половина од населението во Газа се иселува од своите домови“,
изјави Борел пред новинарите пред состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург.
Високиот претставник на ЕУ, исто така, рече дека како чекор кон деескалацијата, Хамас мора да ги запре ракетните напади врз Израел и да ослободи повеќе од 200 луѓе за кои израелските власти велат дека се заробени.
По состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург, Борел рече дека има основен консензус за хуманитарна пауза. Но, како што пренесува Ројтерс, дипломати од три земји од ЕУ, кои сакале да останат анонимни, рекле дека тоа не е нивниот впечаток од средбата.