Србија ќе престане да издава регистарски таблички со имињата на косовските градови, а Косово ќе ги прекине понатамошните активности поврзани со пререгистрацијата на возилата, напиша Борел на Твитер

Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, најави дека преговарачите на Србија и Косово договориле мерки за да се избегне понатамошна ескалација. Србија ќе престане да издава регистарски таблички со имињата на косовските градови, а Косово ќе ги прекине понатамошните активности поврзани со пререгистрацијата на возилата, додава Борел.
„Имаме договор. Со големо задоволство можам да соопштам дека главните преговарачи на Косово и Србија, со посредство на ЕУ, договорија мерки за избегнување на понатамошна ескалација и целосно концентрирање на предлогот за нормализација на нивните односи“,
напиша Борел на Твитер.

Борел му се заблагодари на Мирослав Лајчак за неговата „напорна работа“ и додаде дека ќе ги покани двете страни да разговараат за следните чекори.
„Јас и специјалниот претставник на ЕУ Мирослав Лајчак ќе продолжиме да го олеснуваме процесот на нормализација на односите и редовно да ги информираме земјите-членки и партнерите на ЕУ за напредокот што го постигнаа страните“,
се додава во изјавата на Жозеп Борел.
Приштинскиот преговарач Бесник Бислими изјави дека по договорот „треба да продолжат интензивните разговори за предлогот на ЕУ, поддржан од Германија и Франција, за целосна нормализација на односите“.
За потсетување, специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак, во Брисел се сретна со преговарачите на Србија и Косово, Петар Петковиќ и Бесник Бислими.