Жозеп Борел смета дека земјите од ЕУ мора да дебатираат пред да донесат евентуална одлука каков став да заземат за унгарското претседавање со ЕУ во следните месеци
Шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел, изјави дека на денешната средба на министрите за надворешни работи на земјите членки на Унијата ќе се разговара за „неприфатливите“ активности на унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Борел посочи и дека ќе се разговара и за „неприфатливите“ позиции на Унгарија за улогата на ЕУ во Украина.
Тој смета дека земјите од ЕУ мора да дебатираат пред да донесат евентуална одлука каков став да заземат за унгарското претседавање со ЕУ во следните месеци.
Унгарските власти се под постојана критика откако го презедоа претседавањето, затоа што високите претставници на Унијата не се согласуваат со средбите на премиерот Виктор Орбан прво во Русија со Владимир Путин, а потоа и во Кина со Си Ѓинпинг.
Орбан отворено зборува против позицијата на која Унијата е поставена во воениот конфликт во Украина и смета дека неговите средби, особено со Путин, се покорисни за решавање на војната во Украина.
Минатата недела „Политико“ објави дека министрите за надворешни работи на земјите од ЕУ дури размислуваат да организираат свој самит, наместо да отпатуваат во Будимпешта на крајот од август на самитот кој Унгарија како претседавач го организира.
Така, според извори на медиумот, министрите планираат да ја намалат „пропагандата на Орбан“.