Шефот на европската дипломатија често го критикува Израел за однесувањето во војната во Газа, во која, според локалното Министерство за здравство кое е под контрола на Хамас, досега загинаа повеќе од 31 000 Палестинци, главно жени и деца
Високиот комесар за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија (ЕУ), Жозеп Борел, изјави дека гладувањето на населението во Газа се користи како оружје во војната помеѓу Израел и Хамас обвинувајќи дека копнените патишта, кои се најдобар начин за испорака на храна за стотици илјади Палестинци, вештачки се блокираат, пренесува британски „Гардијан“.

Говорејќи вчера пред Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН), тој изјави дека хуманитарната помош за Газа мора да продолжи да се доставува и посочи дека станува збор за криза креирана од човек, а не за природна катастрофа.
„Оваа хуманитарна криза не е природна катастрофа, не е поплава, не е земјотрес, таа е вештачка… И кога бараме алтернативни начини да обезбедиме поддршка по море или воздух, тоа мораме да го направиме бидејќи природните патишта за помош се затворени, и тоа вештачки затворени и гладот се користи како продолжена рака на војната“,
рече Борел во седиштето на ОН во Њујорк.
Тој кажа дека таквата практика е осудена во Украина и дека истите зборови мора да се користат и кога станува збор за Газа.
But it is not a natural disaster.
— Josep Borrell Fontelles (@JosepBorrellF) March 12, 2024
If we look at alternative ways to provide support it’s because the land crossings have been artificially closed.
And starvation is being used as a weapon of war.
UN agencies such as @UNRWA are the last lifeline for many.
3/4
Инаку, шефот на европската дипломатија често го критикува Израел за однесувањето во војната во Газа, во која, според локалното Министерство за здравство кое е под контрола на Хамас, досега загинаа повеќе од 31 000 Палестинци, главно жени и деца.
Количеството хуманитарна помош која влегува во Газа во моментов е далеку под нивото од пред војната поради што се погласни се предупредувањата на хуманитарните агенции за епидемија на глад во Појасот, а владите на западните земји почнаа со испорака на помош од воздух. Во меѓувреме се прават планови и се тестираат поморски патишта за доставување на храна.
Светската програма за храна вчера испорача храна во северниот дел на Газа за прв пат од 20 февруари, објавија Обединетите нации.
По проверката на израелскиот граничен премин „Керем Шалом“, шест камиони со хуманитарна помош влегоа во Газа.
Шефот на европската дипломатија во обраќањето рече дека ЕУ ги чека резултатите од трите истраги во врска со израелските наводи дека 12 вработени во агенцијата за палестински бегалци УНРВА учествувале во нападите на Хамас на Израел на 7 октомври, лани.
Тој нагласи дека УНРВА постои само затоа што има палестински бегалци.
„Единствениот начин УНРВА да исчезне е овие бегалци да станат државјани на палестинска држава која коегзистира со израелската држава“,
рече високиот претставник на ЕУ, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Според него, првиот чекор за да се постигне ова е Советот за безбедност на ОН едногласно да усвои резолуција за поддршка на концептот за две држави како решение за конфликтот и дефинирање на општи принципи кои можат да доведат до тој резултат.
„Тоа би било добра можност да покажеме дека нашите принципи не се празни зборови“,
рече Борел.