„Универзитетските професори и другите вработени во високото образование се изманипулирани и измамени“, реагираат синдикатите во образованието по барањето на ректоратите на јавните универзитети испратено до факултетите за формирање синдикати со цел вработените да го добијат ветеното зголемување на платите. Спогодбата што СОНК и министерот за образование, Арбер Адеми, ја потпишаа на крајот на минатата година, а со која од 1 јануари вработените во образованието требаше да имаат плати повисоки за 10 отсто, според синдикалците, паднала во вода за високото образование.
Зголемувањето на платите во основното и во средното образование не е доведено во прашање.
Првиот човек на СОНК, Јаким Неделков, вели дека дописот на ректоратите е кривично дело и се сомнева дека „зад ова стои некоја политичка игра за да се купи време и да се врши притисок“.
„Ова за нас е небулозно и неприфатливо и претставува кршење на Законот за работни односи и меѓународните конвенции. Дали нема пари во буџетот за исплата или е нешто друго во прашање?! Како и да е, ова нема да застане овде, ние како членки на Европската и Светската конфедерација на синдикати за образование, доколку не се прекине ваквата постапка, ќе се пожалиме на повисоко ниво“,
изјави на прес-конференција претседателот на СОНК.
Дописот што ректоратите вчера го пратиле до деканите на јавните високообразовни институции за формирање синдикат јавно го осудија и професорите од Независниот академски синдикат (НАКС). И за НАКС ова е грубо кршење на законите и манипулација на професорите.
„Не смее работодавачот, а универзитетите се работодавачи, да се меша во синдикалното организирање и во работењето на синдикатот. Ова е отворена закана која се базира на измама, а измамата се состои во тоа што се тврди дека ова не може да се направи без колективен договор со репрезентативен синдикат“,
вели професорката Мирјана Најчевска.
Синдикатите не ја исклучуваат можноста за кривични пријави за сите учесници – од министри до ректори и декани кои, како што велат, им ги прекршиле правата.
МОН: Исплатата на повисоки плати мора да биде според закон
Моделот, односно решението за исплата на повисоките плати во образованието мора да биде во согласност со позитивните правни прописи во земјата, велат од Министерството за образование и наука, откако НАКС и СОНК реагираа на повикот да се основа синдикат на вработените во високото образование, кој ќе потпише колективен договор, со што ќе се овозможи најавеното зголемување на платите за 10 отсто од јануари.
„Министерството за образование и наука не смее, не дало и нема да даде насока како вработените на високообразовните установи синдикално да се организираат“, велат од МОН.
Од Министерството објаснуваат дека „имајќи предвид дека не постои склучен Грански колективен договор за високото образование, согласно Законот за работните односи, единствениот начин за исплата на покачувањето на платите е да се склучи колективен договор на ниво на работодавач“. Во овој случај, работодавач е секој универзитет и тој треба да склучи колективен договор со синдикат во кој треба да членуваат најмалку 20 отсто од сите вработени во него, реагираат од МОН.
„Дали вработените на универзитетите ќе формираат посебни синдикати на секој универзитет одделно за да потпишат колективен договор со него, дали ќе формираат единствен нов синдикат кој ќе потпише колективен договор со сите универзитети или, пак, ќе се приклучат кон СОНК или кон НАКС и ќе го исполнат условот за репрезентативност, според кој во синдикатот треба да членуваат најмалку 20% од вработените на секој државен универзитет, тоа е одлука на вработените во универзитетите“, велат од МОН.