Наспроти тврдењата дека советник од кабинетот на министерот за земјоделство уценува инспектор да ја укине концесијата за Охридското Езеро, министерот Димковски вели дека инспекторот не си ја вршел работата и дека неговиот советник во ниту еден момент не се заканува ниту бара инспекторот да направи нешто што е надвор од законот
„Скандалозна аудио снимка за министерот за земјоделство“. Вака од неколку портали беше најавено објавување на снимка од разговор помеѓу Томе Мојсовски, советник на министерот за земјоделство Трајан Димковски и вработен во инспекторарот за земјоделство во Охрид, која попладнето се појави на порталот „Лидер“.
Станува збор за разговор во кој Мојсовски, кој важи за еден од најбилските луѓе на министерот, како што пишува „Лидер“, „го уценува инспекторот од Охрид да укине одредена концесија, а доколку не го стори тоа, го принудува да си поднесе оставка“.
Од аудио снимката, пак, се слуша како советникот на министерот навистина бара да се укине концесија, но во ниту еден дел од разговорот не се сугерира тоа да се направи спротивно на законите.
Какво е објаснувањето на министерот Трајан Димковски?
По објавувањето на разговорот, со свое објаснување на прес-конференција излезе и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски. На снимката, вели тој, советникот Мојсовски разговора со лице кое се вика Јован и е вработено во Државниот инспекторат за земјоделство. Лицето, рече министерот, е инспектор кој требало да го следи концесионерот на Охридското Езеро, но тоа не го правел три месеци, со што овозможил низа прекршувања. Во снимката, вели министерот Димковски, воопшто не станува збор за закани туку за барање лицето да работи според законот односно „за укажувања на Мојсовски кој не бара Јован да направи нешто надвор од законот“.
„Вистината е следна. Се работи за разговор меѓу мојот советник Мојсовски и лице кое ,Лидер’ не го обелоденува со име. Всушност, ова лице е директно задолжено и одговорно во име на Инспекторатот за земјоделство да го следи концесионерот на Охридското Езеро и да презема соодветни мерки за почитување и исполнување на обврските од договорот за концесија. На многуте состаноци, Езерската полиција ми предочи дека ова лице не си ја врши својата должност, дека одбегнува да соработува со Езерската полиција и дека три месеци воопшто не направило надзор на извршување на концесијата, поради што дошло до низа прекршувања. На аудио-снимката јасно се слуша дека Мојсовски му посочува да постапува согласно законот и да не ги штити оние кои го кршеле законот во врска со концесијата на Охридското Езеро. Нема никаква закана“,
вели министерот Димковски.
Што зборуваат Мојсовски и инспекторот Јован?
Во продолжение ги пренесуваме снимката и транскриптот што ги објави порталот „Лидер“.
Транскрипт:
Лице: Молим.
Томе Мојсовски: Јоване!
Лице: Еј!
Томе Мојсовски: Што правиш?
Лице: Повели, Томе.
Томе Мојсовски: Што правиш?
Лице: Добар сум, еве овдека во Охрид.
Томе Мојсовски: Овде не слушам за некој број…
Лице: Да, да овој…
Томе Мојсовски: Па не можам да го отворам телефонот, тој ми е на…
Лице: Овој го користам, да ти кажам, другиот не.
Томе Мојсовски: Имам неколку работи што мораме да ги расчистиме пот итно.
Лице: Што требит, повели?
Томе Мојсовски: Има две работи. Први работа е или да фатиш да ја средиш комплет постапката со надзорните контроли.
Лице: Добро…
Томе Мојсовски: А втората работа е ДА СИ ДАДИШ ОСТАВКА, да не настанат поголеми промени тоа што те коментираат, најдругарски ти го кажувам, е голема опасност.
Лице: Кој к*р коментирање.
Томе Мојсовски: Ова ти го кажувам другарски, јас не сум човек што те мразам, ниту пак сакам да те мразам.
Лице: Добро.
Томе Мојсовски: Тоа што зборуваат дека имам против тебе нешто, јас немам, ова не би ти го кажал ако имав нешто против тебе.
Лице: Добро.
Томе Мојсовски: Направи … и од сè да се оградиш и под итно да ја скиниш концесијата на концесионерот. Второ, ако тоа не го направиш, земи поднеси барање и поднеси оставка. Друго немам што да ти кажам брат, додека не дојдат некои поголеми работи. Значи, те молам заради тебе и зради фамилијата, утре ќе се сретнеме, ти си младо дете, јас сум повозрасен, молим те. Значи, две работи ти кажав, прво сè да исчистиш и од сè да се оградиш и второ, ако не можиш да се оградиш, барај си чаре дете, ова не е добро, ниту за тебе ниту за … ниту за …, ниту за државата наша. Значи, бевме кај градоначалникот, бевме секаде, значи секаде си Јоване мој злато влезен, секаде си спомнуван Јоване, ти си дете младо, барај чаре, јас ќе те поддржам ако поднесеш барањето за …, јас ќе те поддржам, нема никој да те чепне, а другото брат, јас нема да те поддржам. Тоа другото нема јас да ти го поддржам. Молим те.
Лице: Чекај сега тоа е ако…
Томе Мојсовски: Не чекам јас, ти кажав.
Лице: Си правиме сега муабет.
Томе Мојсовски: Ќе правиме муабет кога ќе дојдеш у Скопје.
Лице: Готово, во Скопје.
Томе Мојсовски: Ајде здраво.
Лице: Ајде.
Поплаки за концесионерот
Димковски, на прес-конференцијата, излезе и со тврдења дека изминатиот период имало низа поплаки за концесионерот.
Како што рече, до Министерството стигнал допис од Регионалниот центар за гранични работи „Запад“, во кој се алармира дека Земјоделскиот инспекторат – Охрид и Струга не презема активности во однос на контролите на концесионерот и за откривање и спречување криминал.
„Центарот алармирал дека токму концесионерот има вработно лица за стопански риболов кои се познати сторители на кривични дела, како што се незаконски риболов и недозволена трговија со дрога. Овие лица го злоупотребиле стопанскиот риболов и со необележани пловни објекти учествувале во извршување кривични дела – криумчарење марихуана и риба преку сината граница на крајбрежјето на Охридското Езеро“, рече Димковски.
За нерегуларностите на концесионерот, тврди тој, во Министерството добиле и многу поплаки од граѓаните, по што соодветно се реагирало до надлежните институции, барајќи од нив итни инспекциски контроли на терен.