По поразот на изборите во неделата со мала разлика (Да Силва освои 50,83 отсто, а Болсонаро 49,2 отсто), претседателот во заминување, кој на 1 јануари ќе ја предаде функцијатта, се затвори во својата официјална резиденција во Алворадо, Бразилија
Бразил нестрпливо го чека признавањето на поразот на претседателот Жаир Болсонаро, кој не зборуваше по прогласувањето на победата на претседателските избори на Луис Инасио Лула да Силва, кому најверојатно му претстои тежок мандат.
По поразот на изборите во неделата со мала разлика (Да Силва освои 50,83 отсто, а Болсонаро 49,2 отсто), претседателот во заминување, кој на 1 јануари ќе ја предаде функцијатта, се затвори во својата официјална резиденција во Алворадо, Бразилија.
Во понеделникот наутро тој дојде во палатата Планалто, претседателската канцеларија, без никакви коментари, пренесе АФП.
Таа болна тишина, за која Лула во неделата вечерта рече дека „го загрижува“, потсетува многу Бразилци дека Жаир Болсонаро постојано се закануваше дека нема да го признае изборниот резултат доколку загуби.
Таквата атмосфера на неизвесност се одрази и на берзата во Сао Паоло.
Загрижувачки е и тоа што возачите на трактори и други демонстранти, поддржувачи на Болсонаро, од кои многумина носеа жолто-зелени кошули, симбол на екстремната десница, ги блокираа главните патишта во најмалку 11 бразилски држави, објави сообраќајната полиција.
Пречки направени од запалени автомобилски гуми и возила беа поставени на главните патишта во Мато Гросо, на запад, рече концесионерот Рота Оесте, кој управува со автопатот во таа земјоделска држава што е склона кон Болсонаро, но и на патиштата во Парана и Санта Катарина на југ кои исто така се упоришта на претседателот во заминување.
Блокиран е и автопатот што го поврзува Рио де Жанеиро со Сао Паоло, на југоисток, а не е јасно дали блокадата е спонтана или организирана од политичка групација.