Сенатската комисија препорача Болсонаро да биде обвинет по девет точки, кои, покрај злосторствата против човештвото, вклучуваат поттикнување на криминал, фалсификување документи, кршење на социјалните права, злоупотреба на јавни средства и ширење лажни вести за пандемијата
Жаир Болсонаро, претседателот на Бразил, би можел да стане и првиот претседател во светот кој ќе заврши зад решетки поради коронавирусот. По шестмесечна истрага, комисијата на бразилскиот Сенат заклучи дека Болсонаро треба да биде обвинет по девет точки, меѓу кои е и злосторство против човештвото. Сепак, неизвесно е дали тоа ќе се случи.
Истражниот комитет на бразилскиот Сенат, под контрола на опозицијата, состави извештај на 1 300 страници за активностите на бразилските власти за време на пандемијата. Истрагата заклучува дека претседателот е „главниот виновник за грешките направени од федералната влада за време на пандемијата“.

Комитетот препорача Болсонаро да биде обвинет по девет точки, кои, покрај злосторствата против човештвото, вклучуваат поттикнување на криминал, фалсификување документи, кршење на социјалните права, злоупотреба на јавни средства и ширење лажни вести за пандемијата.
Покрај Болсонаро, во извештајот се наведени и две компании и 77 лица, вклучувајќи ги и синовите на Болсонаро.
Сламка за спас
Сенаторот Ренан Калеирос повика препораката на комитетот да се достави до Меѓународниот кривичен суд во Хаг (МКС). Иако овој суд би можел да го преземе случајот, бидејќи Бразил е потписник на Римскиот статут за основање на МКС, патот до тоа е долг и води преку Аугусто Арас, главниот обвинител во Бразил.
Извештајот прво ќе стигне до бирото на Арас, по што тој ќе одлучи дали ќе постапи по него или не. Канцеларијата на Арас кратко соопшти дека извештајот „ќе биде внимателно разгледан штом ќе биде примен“.

Но, Арас би можел да ги отфрли наводите на опозицијата која се надева дека ќе го види Болсонаро на обвинителна клупа бидејќи тој е негов кадар и Болсонаро штотуку го назначи на позицијата главен обвинител. Затоа се очекува препораките на Сенатот да останат само препораки, но не и да станат обвинение.
Очекувано, Болсонаро не гледа грешка во начинот на кој Бразил реагираше на коронавирусот, иако бројот на починати во земјата надмина 606 000, што е втор најголем број смртни случаи во светот по САД.
Во текот на сите шест месеци од истрагата, контроверзниот претседател тврдеше дека неговата влада „постапила правилно од првиот момент“ на пандемијата, а неговите сојузници ги отфрлија препораките на Сенатот како „политички мотивирани“.
Се огласи и Флавио Болсонаро, еден од неговите синови споменат во извештајот. Тој исто така тврди дека извештајот е политички мотивиран и без никаква правна основа.
Иако извештајот доаѓа неколку месеци пред претседателските избори во Бразил, што не треба да се игнорира, факт е дека Болсонаро имаше многу непримерни изјави и во најмала рака чудни ставови кога е во прашање вирусот.
Одбивање да наметне мерки
Можеби ништо од тоа немаше да биде проблем доколку тој неговите чудни ставови не ги задржа за себе и ги слушаше препораките на експертите и лекарите. Но Болсонаро го направи токму спротивното.
На почетокот на кризата во Бразил, тој прво се двоумеше, а подоцна одби да ги воведе мерките предложени од тамошниот Кризен штаб. Неговите теории беа дека е поштетно да се затвори економијата отколку луѓето да се заразат и вирусот го нарекуваше грип.
„Во мојот конкретен случај, поради моето спортско минато, не треба да се грижам дали сум заразен со вирусот. Не би почувствувал ништо или, во најлош случај, би било како грип или настинка“,
рече Болсонаро во една од неговите најпознати изјави за коронавирусот.
Во истиот месец тој ги поддржа демонстрантите кои бараа укинување на карантинот и суспензијата наметнати од гувернерите на одредени бразилски држави. Тој тврди дека ограничувањата во некои држави во Бразил се повеќе штетни за економијата на државата и животите на луѓето отколку самиот вирус.
Болсонаро беше позитивен
Болсонаро не го промени ставот ниту со фактот дека тој самиот беше заразен со коронавирусот во јули 2020 година. Тогаш од неговата канцеларија беше објавено дека се лекувал со хидроксихлорокин и азитромицин.
Како Доналд Трамп, и Болсонаро продолжи да промовира два лека против маларија – хлорокин и хидроксихлорокин – како лекови против ковид, иако СЗО не ги прогласи како такви.
Одби да се вакцинира
Владата на Болсонаро доцнеше со набавка на вакцини и воведување на вакцинација, а во ноември стана јасно зошто. Првиот човек на Бразил јасно и гласно ѝ ги кажа на јавноста своите ставови против вакцинацијата, правдајќи ги како „негово право“.
Тој на Фејсбук објави дека нема да се вакцинира против ковид, а носењето маска го нарече „последното скршено табу“.
„Ви велам: нема да примам (никаква вакцина). Тоа е мое право и сигурен сум дека Конгресот нема да им создаде проблеми на оние што не сакаат да се вакцинираат“,
изјави тој.
Дури и во март оваа година, кога Бразил имаше повеќе од 278 000 смртни случаи од ковид и само четири отсто вакцинирани, Болсонаро не избираше зборови, тој им порача на Бразилците да „престанат да се жалат“.
„Престанете да се жалите… Уште колку ќе седите дома и сè друго ќе биде затворено? Никој веќе не може да издржи“,
рече тој.
Иако во тоа време се појави позаразниот бразилски сој, првиот човек на таа земја, сепак, тврдоглаво ја бранеше позицијата дека карантинот не е решение, бидејќи, како што тврдеше, тоа е „политика што не функционира никаде во светот.
Видеа против вакцини на јутјуб-каналот
Неколку видеа што беа објавени на официјалниот јутјуб-канал на Жаир Болсонаро беа отстранети од платформата бидејќи во нив се шират дезинформации за коронавирусот, соопшти компанијата.
Според весникот „О глобо“, едно видео го прикажува Едуард Пазуељ, поранешен министер за здравство, кој го споредува коронавирусот со СИДА.
„Пост-ХИВ пандемија, ХИВ продолжува да постои. Сè уште има заразени, повеќето се излекувани и животот продолжува“,
вели тој.
Неколку месеци подоцна, во октомври, кога бројот на починатите достигна драматична бројка од 600 000, Болсонаро беше бесен на новинарите бидејќи му поставувале „здодевни прашањата за тоа“.