Директорот на болницата смета дека нема простор за паника бидејќи, како што вели, лицето било најдено во близина на кругот на болницата и не верува дека имало контакт со други луѓе
Пациент болен од ковид-19 синоќа побегнал од ковид-центарот во ГОБ „8 Септември“ во Скопје.
Директорот на болницата, д-р Христијан Костов, за „360 степени“ го потврди инцидентот. Вели дека станува збор за бездомно лице кое откако било потврдено дека е позитивно на вирусот, избегало од болницата. Оттаму го пријавиле случајот во полиција и пациентот бил вратен во ковид-центарот.
„Бездомникот е најден во лоша состојба и донесен со Брза помош. Стапено е во контакт со социјалните служби за да се обезбедат здравствено осигурување и документи за идентификација, со цел да му помогнеме да се лекува. По приемот се направени анализи и дијагностички процедури според протоколите за ковид-19. Направен е ПЦР-тест и е потврден дека е позитивен на ковид-19. Испитани се белите дробови и се утврди пневмонија од ковид. Веднаш потоа го ставивме во делот за ковид-позитивни пациенти и му е одредена терапија. Дежурниот лекар и медицинскиот персонал увиделе дека пациентот бил многу вознемирен, шетал по одделот и повеќепати бил предупредуван и враќан во болничката соба, но вечерта околу 9 часот успеал да излезе од одделот и да ја напушти болницата. Дежурниот персонал веднаш изреагирал и по известување до МВР пациентот е пронајден. Тој е вратен кај нас во болницата и е продолжено неговото лекување. Во моментов е во добра состојба“,
вели Костов за „360 Степени“.
Од МВР за „360 Степени“ велат дека станува збор за лице од Куманово, кое со полициска асистенција било вратено во болницата во 2 часот по полноќ.
„На 6.10.2020 во 21:30 часот од ГОБ „8 Септември“ било пријавено дека од ковид-центарот избегал пациент Б.И. од Куманово. По преземени мерки и активности од страна на полициските службеници, лицето било пронајдено околу 2 часот и вратено во болницата“,
велат од МВР.
Директорот на болницата вели дека не знае како пациентот успеал да избега од болницата, но верува дека нема простор за паника бидејќи, како што вели, лицето било најдено во близина на кругот на болницата.
„Не верувам дека имал контакти со некои луѓе. Знаете, ние не сме затвор, вратата се заклучува, но некако успеал да избега. Сигурно насилно ја отворил“,
вели Костов.
Костов вели дека и претходно имало случаи пациенти да побегнат, со цел да не ги платат трошоците за лекувањето. Но, ова е прв случај на бегство на пациент болен од ковид-19.