Првообвинетиот во „Рекет“, Бојан Јовановски-Боки 13, утрово во судница почна вербално да ја напаѓа обвинителката Вилма Русковска.
Пред да почне судењето, веднаш штом обвинителката влезе во судницата, Боки ѝ се обрати на висок тон.
„Корумпирана обвинителке, вршите тортура врз мене“, беа дел од зборовите што тој ги упати кон Русковска.
Јовановски мавташе и со лист хартија повикувајќи се на неговата здравствена состојба.
Ваквата реакција на обвинетиот следува откако во понеделникот беше објавена одлуката на Апелацискиот суд Скопје со која е одбиена неговата жалба за мерката притвор.
Русковска, која во судницата дојде со обвинителката Ивана Трајчева, не возврати на навредите, а присутната полиција го отстрани Јовановски од судницата.
Јовановски беше вратен во судницата кога пристигна судечкиот совет.
Тој и неговата адвокатка од адвокатската канцеларија на Сашо Дуковски побараа денешното рочиште да се одложи бидејќи не се чувствува добро и дека повраќал цела ноќ.
„Не ја прифаќам лекарската помош која можете да ми ја пружите во судница со повикување Итна медицинска помош“,
рече Јовановски кога судијката Васка Николовска-Масевска посочи дека ќе повика лекарска екипа да го прегледа и да каже дали може да го следи судењето.
Тој кажа и дека се препорачува операција и дека има рак на желудник.
Сепак, бидејќи Боки не се согласи да се повика Итна помош, судијката продолжи со рочиштето.
На него се изведуваат материјални докази.