Бојан Јовановски-Боки 13, неговиот татко Миле Јовановски и асистентката Христина Блажевска денеска треба да се појават во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за да дадат исказ за истрагата која се однесува на работата на невладината организација „Меѓународен сојуз“, чиј претседател е Боки.
Тој треба да биде спроведен од притвор од затворот во Шутка.
Минатата недела исказ даваа и останатите две осомничени, пратеничката Фросина Ременски и заменик-претседателката на Меѓународниот сојуз, Јасна Мандиќ.
Како правно лице во истрагата е осомничена и невладината организација.
Ова е втора истрага што е отворена во рамки на аферата „Рекет“ за која обвинителката Вилма Русковска најави дека се надева оти ќе поднесе обвинение во јануари. Првиот случај веќе е во фаза на судење и досега се одржаа три рочишта.
Првоосомничен и во истрагата за „Меѓународниот сојуз“ е Боки 13 кој е под истрага за две дела – за перење пари и други приноси од казниво дело и за измама.
Јовановски се сомничи дека измамил две градежни компании на тој начин што ги лажел дека ќе обезбеди државно земјиште за да се изградат центри за возрасни лица и мобилен сервис, а потоа ќе обезбеди и државни субвенции. Така, од едната фирма преку авторска агенција добил околу 720.000 евра, а од другата околу 230.000 евра.
Ременски, пак, според обвинителството одела на средбите што ги организирал Боки.
„Лицето како функционер, заедно со првоосомничениот присуствувало на средбите организирани од првоосомничениот, при што го искористило својот углед и авторитет и оштетените стекнале впечаток дека зад понудените проекти стои извршната власт“, наведоа од Обвинителството.
Јасна Мандиќ, Миле Јовановски и Христина Блажевска, пак, се осомничени за помагање во делата перење пари и измама.
Според Законот за кривична постапка (ЗКП), кога завршува истражната постапка обвинителот го известува осомничениот дека неговата одбрана има право во рок од 15 дена да поднесе исправи или други докази или да бара обвинителот да собере определени докази. Ако има такво барање, обвинителот е должен тоа да го заврши во рок од 30 дена.
ЗКП предвидува дека кога ќе заврши истрагата и ќе истечат овие рокови, обвинителството во рок од 15 дена треба да поднесе обвинение или да ја запре постапката. Овој рок може да трае и 30 дена ако станува збор за кривични дела од областа на организираниот криминал.