Бојан Јовановски-Боки 13 преку сведочење денеска треба да даде своја одбрана во случајот „Рекет“ каде што е првоосомничен за делата примање награда за противзаконито влијание и за перење пари.
Со ова судскиот процес влегува во завршница. До изрекување на пресуда ќе има уште неколку рочишта на кои веројатно одбрана ќе дава и Катица Јанева која е обвинета за злоупотреба на службената положба и овластувања, како и давање завршни зборови од страна на обвинителството и од страна на одбраната.
На минатото рочиште заврши дополнението на доказната постапката на кое адвокатите на Јовановски и Јанева ги презентираа дополнителните докази. Дел од доказите и сведоците, пак, им беа одбиени.
Во досегашниот судски процес, се изведоа сите материјални докази и се сослушаа сведоците кои ги предложија двете страни.
Судењето за „Рекет“ почна на 3 декември лани, а на обвинителна клупа првично седеше и Зоран Милески-Кичеец, но тој уште на првото рочиште призна вина за делото примање награда за противзаконито влијание. Осуден е на тригодишна затворска казна која сè уште не е правосилна бидејќи Апелацискиот суд во Скопје треба да се произнесе за жалбата која тој ја поднесе во однос на висината на казната. Јавна седница во второстепениот суд требаше да се одржи на почетокот на април, но се одложи поради ситуацијата со новиот коронавирус.