Апелацискиот суд во Скопје ја одби жалбата на Бојан Јовановски-Боки 13 со која бараше да излезе од притвор за што нудеше и гаранција од 143 000 евра, потврдија од Апелација за „360 степени“.
Јавната седница, на која Боки и неговиот адвокат Сашко Дукоски бараа да се укине мерката притвор, се одржа во петокот.
Тогаш првпат тие понудија гаранција во која спаѓаат куќа не негов прв братучед, проценета на околу 102 000 евра и еден локал – деловен простор во истата куќа во сопственост на неговата мајка, Јасминка Јовановска, со вредност од околу 40 000 евра.
Дуковски, образложувајќи ја жалбата во петокот, рече дека ова што му се прави на неговиот клиент е тортура ако се има предвид дека тој е единствениот од случајот „Рекет“ кој околу седум месеци се наоѓа во притвор, додека останатите двајца, Катица Јанева и Зоран Милески-Кичеец, кој призна вина, се во домашен притвор.
Тој посочи дека не можат да подготват квалитетна одбрана додека Јовановски се наоѓа во притвор, како и дека поради здравствената состојба мора да има хигиенско-диететски режим кој не може да се спроведе во затворот во Шутка.
Боки, пак, тврдеше дека нема да избега, а на тројцата судии од советот во Апелација им порача дека се надева оти нема да се плашат од невкусниот речник на Русковска, алудирајќи на пораката што обвинителката им ја прати на судии од овој суд кога Катица Јанева беше пуштена во домашен притвор, а во која им напиша дека „ќе ги истресе од гаќи“.
„Мене, покрај менталниот склоп, да се дадам во бегство не ми дозволува ниту здравствената состојбата во која се наоѓам. Не ме плашат ниту доказите ниту казната што ми се заканува за да се дадам во бегство, зашто јас се чувствувам целосно невин и обесправен“,
рече Боки.
„Вилма Русковска не ја сметам за надлежен јавен обвинител, туку за адвокат на две мафии во Македонија“,
рече Боки.
Во првиот наврат судијата го прекина и му рече да се за задржи на предметот на неговата жалба. Вторпат Јовановски ја нарече Русковска со истите зборови кога повторно зборуваше за уцените. Тврди, бил уценет да каже дека Катица Јанева е виновна во првиот случај „Рекет“, а Фросина Ременски е виновна во предметот со „Меѓународниот сојуз“ и дека земала пари.
„Ми беше речено со реченицата дека сакала да ја бетонира Фросина Ременски поради тоа што е пратеник, немала доволно докази, па јас тоа да го потврдам“,
рече Боки.
Тој додаде дека ако не го каже тоа уцената била дека ќе биде обвинет неговиот татко Миле Јовановски во постапка, со која, според него, тој нема никаква врска, како и неговата асистентката Христина Блажевска. Инаку, и татко му и асистенката се обвинети во предметот „Рекет 2“ кој се однесува на работата на невладината организација „Меѓународен сојуз“.
Од Вишото јавно обвинителство, кое е надлежно за постапување пред второстепениот суд, во петокот кратко порачаа дека жалбата на Боки треба да се одбие како неоснована.