Бојан Јовановски – Боки 13 денеска не успеал да ги поднесе сите планирани кривични пријави, но записникот останал отворен, па поднесувањето ќе продолжи наредната недела на 3 јули.
„Со оглед на тоа што подносителот денеска не заврши со поднесувањето на кривичната пријава на записник, поднесувањето ќе продолжи на 03.07.2020“,
велат од обвинителството за „360 степени“.
Тој утрово од притвор во Шуто Оризари беше спроведен до Основното јавно обвинителство – Скопје, а неговиот адвокат, Сашко Дукоски, во изјавата за медиумите не откри против кого ќе бидат поднесени пријавите, но ги наведе делата.

„Кривичните пријави ќе бидат поднесени најмалку за неколку кривични дела и тоа пред сè за злоупотреба на службена положба и овластување, изнуда, измама, давање на лажен исказ, можеби тортура, несовесно лекување …“,
рече Дукоски.
Иако не беа споменати имиња, тој посочи дека пријавите се и за функционери од државните институции, но и за лица надвор од нив.
Доставивме и доказен материјал, тоа ќе се анализира и веројатно, рече адвокатот, обвинителството ќе се обрати до одредени институции, можеби и до други обвинителства со цел да се проверат одредени сознанија во врска со тоа што го има во кривичните пријави на Јовановски.

Јовановски минатата недела со првостепена пресуда во случајот „Рекет“ беше осуден на 9 години затвор за делата примање награда за противзаконито влијание и за перење пари. Две години помалку, пак, доби поранешната специјална обвинителка Катица Јанева за делото злоупотреба на службената положба и овластувања.
Денеска адвокатот посочи дека кривичните пријави не можат да влијаат за тој да си го олесни статусот во „Рекет“ или во случајот „Меѓународен сојуз“ кој треба да започне пред првостепениот суд.
И додека се одвиваше судскиот процес за „Рекет“ пред првостепениот суд, Боки бараше да биде примен во обвинителството за да поднесе кривични пријави. Првиот пат, според објаснувањето од неговата одбрана, била делегирана обвинителка од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција која ѝ е заменичка на Вилма Русковска. Поради тоа, тој одбил и го поднел барањето да биде примен во ОЈО Скопје.
Пред да продолжи со поднесувањето на кривичните на 3 јули, Јовановски два дена порано, на 1 јули, треба да биде спроведен во Основниот кривичен суд каде ќе седне на обвинителна клупа за вториот случај против него кој се однесува на работата на невладината организација Меѓународниот сојуз.
И во овој предмет тој е првообвинет и се товари за делата измама и за перење пари. Со него обвинети се и пратеничката од последниот парламентарен состав и потпретседателка на Собранието, Фросина Ременски, заменик-претседателката на Меѓународниот сојуз, Јасна Мандиќ, таткото на Боки – Миле Јовановски и асистентката Христина Блажевска. Како правно лице обвинета е и невладината организација.