Снимки од безбедносните камери од домот на Орце Камчев, како докази на обвинителството, денеска се пуштаа во судницата на рочиштето на случајот „Рекет“.
Станува збор за снимките од кои поголемиот дел ѝ се познати на јавноста, бидејќи беа објавени во италијанскиот весник „Ла Верита“.
Снимките траат по десетина секунди, сите се од 20 февруари 2019 година, дента кога обвинителството тврди дека бил земен милионот, а во судница се пуштаа хронолошки. Од нив можеше да се види дека Бојан Јовановски-Боки 13 и Зоран Милески-Кичеец во домот на бизнисменот Орце Камчев се задржале 35 минути.
Првите снимки што се пуштија беа од влезната врата од внатрешниот дел на куќата на Камчев. Се виде дека Кичеец пристигнува таму во 13 часот, а заминува во 14:05 часот.
Понатаму, се пушти снимка со време 15:34 часот, кога Кичеец повторно се враќа во домот на Камчев, но овој пат во друштво на Боки, кој носи поголема машка торба во рацете. Тие, според снимките од домот на Камчев, излегуваат во 16.10 часот, а тогаш Кичеец носи и чанта „луј витон“. Оваа снимка беше објавена во јавноста.

Во судницата се покажуваа и снимки од други камери, како што се од дворот на Камчев, од влезот на гаражата, од улицата итн. И на нив се гледаа истите дејствија, односно моментите кога Боки и Кичеец пристигнуваат со автомобил „тирок“, а потоа и како заминуваат.

Автомобилот го вози Кичеец, Боки седи на совозачкото седиште, а при заминување чантата „луј витон“ ја ставаат на задното седиште.