Не се плашам дека ќе ме ‘самоубијат’ во кофа ако ја отворам Пандорината кутија, чукна часот, рече Бојан Јовановски-Боки 13 на почетокот на завршните зборови во случајот „Рекет“, каде што е обвинет за примање награда за противзаконито влијание и за перење пари.
Тој го нарече овој предмет театар од кој српскиот комедиограф и сатиричар Бранислав Нушиќ би црпел инспирација.
„Да беше жив Бранислав Нушиќ, можеше слободно да ги замени неговите дела, ‘Госпоѓа министерка’ со ‘Госпоѓа обвинителка’, ‘Сомнително лице’ со ‘Сомнителен сведок’, а ‘Ожалестено семејство’ со ‘Ожалостена држава’. Зошто? Затоа што сите сме сведоци на еден театар во судницата за оваа постапка“,
рече Боки 13.
Го спомена и Зоран Милески-Кичеец нагласувајќи дека е оперативец и агент-провокатор, па им забележа на судовите како можеле да го пуштат во домашен притвор, а потоа и на слобода, а него да го држат во притвор речиси 11 месеци. Боки на судечкиот совет му покажа и фотографии тврдејќи дека се од вчера, а на кои се гледа Кичеец.
„Шара и хара низ Скопје со својата параполиција и седи со директори, а мене, кој стојам во бело облечен тука како Тито, ме држите во притвор“,
рече Боки свртувајќи ги фотографиите кон новинарите.

Судијката му рече дека тука треба да му се обраќа на судот, а тој одговори дека е артист и живее од настапи пред јавноста, а и зошто да не ѝ покаже на јавноста фотографии кога обвинителката Вилма Русковска рече дека на минатото рочиште пуштила необјавена снимка само поради јавноста.
Боки 13 во завршните зборови упати низа критики на сметка на обвинителката Русковска, која денеска не е во судница, туку на нејзино место е обвинителот Наум Паноски од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
По Катица Јанева, пак, повторно ја пофали велејќи дека е праведна и скромна жена.
„Јас нема да зборувам во име на Катица, таа ако се одважи нека си каже. Таа е жртва на уцена, изманипулирана и искористена од политичари, но тоа е нејзин проблем, тоа ѝ го оставам на неа… А, јас врска со предметите на СЈО сум имал колку што ‘Ролинг стоунс’ може да отпеат песна од Гоце Арнаудов“,
рече Боки.
За бизнисменот Орце Камчев, пак, рече дека е криминоген и дека можеби дал пари, но на некој друг.
„Можеби дал милион, можеби и повеќе од тоа, но сигурно не на Бојан Јовановски. Можеби дал токму за трас-трас начелното правно мислење на Врховниот суд, можеби затоа не го вештачите мојот телефон”,
рече Јовановски.
Денеска пред судот завршни зборови, покрај Боки 13, даде и неговиот адвокат. По Јовановски, завршните зборови треба да даде Катица Јанева, па дури потоа ќе следува рочиште за изрекување пресуда.
Судскиот процес за случајот „Рекет“ пред првостепениот суд во Скопје започна на 3 декември лани. Со Боки и Јанева на обвинителна клупа тогаш седна и Зоран Милески-Кичеец за примање наградата за противзаконито влијание, но тој призна вина и веќе наредниот ден доби затворска казна од три години. Неговата пресуда сè уште не е правосилна бидејќи за тоа неа треба да се изјасни и Апелација до каде што тој заедно со својот адвокат има поднесено жалба за висината на казната.