Боки 13 реагираше што не е направено вештачење на неговиот мобилен телефон, а и неколку пати повтори дека целта на случајот „Рекет“ била да се сруши СЈО
Постојат две опции. Едната е овој судечки совет да донесе пресуда која ќе се базира исклучително на изведени докази, а докази не видовме. Таквата одлука сигурен сум дека ќе биде ослободителна зашто обвинителката Вилма Русковска не успеа да докаже ниту индиција за кривичните дела. Втората опција се вика црвен телефон. Тој црвен телефон може да донесе драконски казни, порача Бојан Јовановски – Боки 13 на крајот од неговите завршни зборови како првообвинет во случајот „Рекет“.
„Се поставува прашањето кај се парите бе луѓе? Видовме ли доказ каде се?”, зборуваше Боки додека ги коментираше доказите на обвинителката Вилма Русковска, која во судницата ја заменуваше обвинителот Наум Паноски.
Коментирајќи ги доказите тој ја спомена и фотографијата која Русковска ја покажа во своите завршни зборови и рече дека е од домот на родителите на Боки, а рачките кои се гледаат кај троседот се од чантата „луј витон“ во која бил милионот евра од Орце Камчев.
Боки тврди дека не е таа торба туку станува збор за рачки од торба – кипл од „луј витон“ која е негова и од која покажуваше фотографии со таа чанта од патувања.
„Тоа што се гледа на фотографијата се рачки од моја кипл торба која нема врска со торбата што ја носи Кичеец откај Камчев”,
рече Боки 13.
Јовановски и во неговите завршни зборови тврдеше дека Орце Камчев го монтирал случајот „Рекет“.
Бизнисменот, тврди Боки, во присуство на бугарски разузнавачи блиски до бугарскиот премиер Бојко Борисов на 2 април 2019 се сретнал со тогашниот премиер Зоран Заев и му ги прикажал снимките.
„Со овој разговор се фалел Камчев, имал и други средби и го снимал по Заев. Зоран Заев во тоа видео зборува дека ќе ми е*е мајката мене – на „педерот“ и на „дебелата“. Зоран Заев е снимен од страна на Камчев и затоа е оваа целосна заштита”,
тврдеше Боки 13 денеска пред судот.
Тој зборуваше и дека имал лични средби со тогашниот премиер на кои Заев му кажувал дека Катица Јанева направила лошо што ја отворила „Империја“ бидејќи Камчев, кој е осомничен во случајот, имал под контрола тројца пратеници кои требало да гласаат за уставните измени, а исто и Сашо Мијалков, кој исто така е осомничен, пак имал повеќе пратеници.
Јовановски повторно праша кој е логиката Камчев него да му дава пари откако веќе Врховен донел начелно правно мислење со кое ги пуштил осомничените во „Империја“. Тој зборуваше и за снимање од страна на Зоран Милески – Кичеец, за кој рече иако е осуден е пуштен за да тера политичка агенда и ги снимал и Зоран Заев и Христијан Мицкоски.
Боки 13 реагираше што не е направено вештачење на неговиот мобилен телефон, а и неколку пати повтори дека целта на овој процес била да се сруши СЈО.
*поврзана вест: Боки 13: Имав врска со предметите на СЈО колку што „Ролинг стоунс“ можат да отпеат песна од Гоце Арнаудов

Обвинителниот акт, рече не може да го нарече „луј витон обвинение” затоа што тоа е бренд и заслужува почит, па затоа ваков конструиран случај може да го нарече само “фејк луј витон“ обвинение. Јовановски во случајот е обвинет за примање награда за противзаконито влијание и за перење пари.
Катица Јанева, пак, која е обвинета за злоупотреба на службената положба и овластување заедно со нејзините адвокати завршните зборови ќе ги даде утре, по што се очекува и финално рочиште со пресуда за „Рекет“.
Судскиот процес за случајот „Рекет“ пред првостепениот суд во Скопје започна на 3 декември лани. Со Боки и Јанева на обвинителна клупа тогаш седна и Зоран Милески-Кичеец за примање наградата за противзаконито влијание, но тој призна вина и веќе наредниот ден доби затворска казна од три години. Неговата пресуда сè уште не е правосилна бидејќи за тоа неа треба да се изјасни и Апелација до каде што тој заедно со својот адвокат има поднесено жалба за висината на казната.