„Ова се случува во последните 30 дена, порано личните документи граѓаните за 15 дена ги добиваа“, вели дополнителниот заменик-министер
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди ќе испитува зошто граѓаните не можат да ги подигнат своите патни исправи кои веќе се готови, најави денеска дополнителниот заменик-министер Митко Бојмацалиев, одговарајќи на прашањето зошто граѓаните не можат да ги подигнат личните документи за кои веќе е спроведен процесот на фотографирање и процесот на изработка.

„Има доволен број на вработени, ќе се испита целата ситуација, ќе се најде проблемот и ќе има решение и за тоа. Ова се случува во последните 30 дена, порано знаете дека личните документи граѓаните за 15 дена ги добиваа. Сакам да дознаеме, јас како дополнителен заменик-министер за внатрешни работи, да дадеме одговор пред Народниот правобранител и пред граѓаните, зошто одредени патни исправи не можат да бидат земени од граѓаните, а се веќе готови. Тоа е истрага од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди”,
рече Бојмацалиев.
Народниот правобранител Насер Зибери пред неколку дена рече дека изминатиот период постојано пристигнувале претставки на граѓаните во однос на неможноста да ги подигнат личните документите за кои веќе е спроведен процесот на фотографирање, како и процесот на изработка, а не се издадени.
Поведувајќи се од претставките, екипи на Народниот правобранител ги посетиле двата главни пункта кај МРТВ и пунктот во Кисела Вода, каде што ги потврдиле наводите во претставките дека има сериозен број исправи (лични карти, возачки и патни исправи) кои, како што рече тој, се ставени настрана и нема увид органот за нивно распределување во однос на издавање.
„Ова е неприродна работа. МВР е должна ова да го прави по службена должност, а не по наше барање ова да биде, да ја бараме патната исправа на тој и тој граѓанин“,
вели тој.
Министерот за внатрешни работи во техничката влада Панче Тошковски најавува отворање нов пункт за вадење лични документи кој ќе се наоѓа во склоп на Центарот за обука во Идризово.
„Во пунктот ќе работат четири базни станици кои во Идризово се донесени од внатрешноста на државата. На почетокот ќе се работи во една смена, бидејќи за толку имаме обучен кадар, а ќе можат да се опслужуваат по 250 до 300 луѓе. Потоа капацитетот ќе биде зголемен со воведување на втора смена, но најголем проблем ни е тоа што имаме само две машини за печатење, а бројот на патни исправи што треба да се променат е околу 600 илјади“,
рече Тошковски во денешната утринската програма на „Слободен печат“.
Тој додава дека сега за промена на лични документи, од фотографирање до подигнување готова исправа, поминува околу месец и половина, додека за брза постапка тоа е околу 5-6 дена.
Според Тошковски, обрасци за печатење најверојатно ќе има за до почетокот на мај.