Тој информираше за два случаи на констатирани нерегуларности. Едниот, како што рече, се однесува на фотографирање на гласачко ливче, а другиот на пријава за организирано носење на луѓе на гласачко место. И во давата случаи, како што додаде, МВР постапува во содејство со надлежните јавни обвинителства
Не се забележани некои поголеми нарушувања или инциденти во досегашниот тек на гласањето во првиот круг од претседателските избори што се одржува денеска, изјави дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев откако го оствари своето гласачко право во едно од избирачките места во Куманово.

Министерството за внатрешни работи, додаде тој, ги има преземено сите дејствија за граѓаните да се чувстуваат безбедно и слободно да го искажат своето право на глас.
Тој изрази надеж дека и до крајот на денот ќе продолжи, како што рече, оваа тенденција на мирни, демократски и фер избори.
„Од тоа што можам да информирам во делот на Министерството за внатрешни работи е дека не се забележани некои поголеми нарушувања или инциденти во досегашниот тек на гласањето. Знаете дека во изминатиот период ги посетив речиси сите сектори за внатрешни работи, одделениоја за внатрешни работи, каде што разговаравме со колегите доколку имаше некои проблеми да ги остраниме за денеска да имаме еден мирен и безбеден гласачки ден“,
рече Бојмацалиев.
Доколку се појават одредени инциденти или нарушувања на изборниот процес, додаде тој, македонската полиција ќе постапи тие да бидат остранети.
Во тој контекст, тој информираше за два случаи на констатирани нерегуларности. Едниот како што рече се однесува на фотографрирање на гласачко ливче, а другиот на пријава за организрано носење на луѓе на гласачко место.
„Од досегашните пријавени настани имаме еден за фотографирање на гласачкото ливче, зборувам за територија на Република Северна Македонија каде што дежурен јавен обвинител е известен и постапува по тој случај. Во Куманово имаме една пријава за организирано носење на луѓе на гласачко место. И таму македонската полиција постапува во содејство со јавен обвинител“,
рече дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи.
Тој додаде и дека сите гласачки места не биле отворени точно навреме, поради проблеми со уредите за оставање на отпечаток од прст (фингерпринтови), кои, како што рече се решаваат и процесот на гласање продолжува на овие избирачки места.
„Се надевам дека денот како што започна убаво, граѓаните гласаат слободно и демократски, така и ќе заврши изборниот ден“,
рече Бојмацалиев.
Претходно денеска, еден час и 15 минути по отворањето на избирачките места на кои граѓаните имаа можност да го дадат својот глас за својот фаворит на седмите по ред претседателски избори во државата, техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски во изјава за медиумите рече дека до тој момент безбедносната состојба е стабилна и нема никакви нарушувања на изборниот процес.
Одговарајќи на новинарско прташање во врска со екипираноста на Министерството за внатрешни работи за текот на изборниот процес, министерот изјави дека МВР постапува согласно планот утврден во рамките на Оперативниот штаб и сè тече како што треба.