Министерството за внатрешни работи на почетокот на месецов донесе одлука жителите на Скопје да можат да ги подигнат новите лични карти во полициските станици според местото на живеење
Денеска пристигнуваат нови 400 000 обрасци за лични карти, информира дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, кој заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски беа во посета на реконструираните простории на управните служби во Одделението за внатрешни работи во Ресен.
Како што е наведено во соопштението од МВР, Бојмацалиев нагласил дека е информиран од управните служби при МВР на ниво на државата, дека сепак, сѐ уште од страна на кабинетот на министерот Панче Тошковски не е решен проблемот со одобрување на личните документи.
„Бројката на неодобрени документи е над 50 000 и во текот на денешниот ден ќе упатам писмо за состанок заедно со раководството на управните служби и министерот Тошковски, да го надминеме овој проблем“,
потенцирал Бојмацалиев.
Министерството за внатрешни работи на почетокот на месецов донесе одлука жителите на Скопје да можат да ги подигнат новите лични карти во полициските станици според местото на живеење.
„Анализата на успешноста на доставата на лични карти на домашна адреса на граѓаните на територија на град Скопје доведе до заклучок дека таа е нецелосна, несеопфатна и недоволно ефикасна, а истовремено го нема посакуваниот ефект и кај граѓаните и кај полициските службеници кои беа задолжени за достава“,
информираа тогаш од МВР.