Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, на социјалните мрежи објави фотографија од паднато дрво на улицата „Орце Николов“ во Скопје, што како што вели, е доказ за потенцијалната опасност од старите дрвја и покажува зошто биле спроведени акциите за отстранување на дрвјата на оваа улица.
„Денешната слика од паднатото дрво на улицата „Орце Николов“ кај Соборниот храм во Општина Центар е само доказ за потенцијалната опасност од старите, болни и оштетени дрвја што може да предизвикаат сериозни последици и штети по граѓаните и учесниците во сообраќајот. Дрвото навидум здраво, има оштетени корени и претставува опасност исто како дрвјата за кои беше издадено решение за отстранување во втората фаза од реконструкцијата на „Орце Николов”
напиша Богдановиќ.
Акциите што ги спроведовме во изминатиот период за отстранување на осум дрва на улицата „Орце Николов“ се само потврда дека нашите заложби се во интерес на нашите жители и нивната безбедност, додава Богдановиќ.
„Благодарен сум што денешниот настан нема никакви последици по животот на граѓаните и материјална штета. Општина Центар останува на ставот дека старите дрвја треба да бидат отстранети во согласност со направените анализи од надлежните институции и да бидат заменети со нови висококвалитетни садници. Како локална самоуправа продолжуваме да работиме посветено на зачувувањето на животната средина, одржувањето и обновувањето на јавното зеленило за зелен Центар. Ги информирам граѓаните дека дрвото е отстрането и сообраќајот се одвива непречено“,
напиша Богдановиќ.