По утврдување на сите правци кои ќе произлезат од стручни лица, без притоа да се прави политички притисок, туку со стручна анализа ќе дојдеме до најдобрата политичка одлука која ќе ја донесеме и за завршување на автопатот, но и тој да биде сигурен и безбеден за патување, вели министерот за транспорт и врски
Доколку од „Синохидро“ побараат средба, секако дека ќе ја реализираме, а инаку на техничко ниво се одржуваат средби и важно е дека компанијата сè уште има рок за реализација. До 31 декември имаат и рок и фронт за работа за да продолжат да работат на терен, изјави денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски одговарајќи на новинарско прашање при неговата посета на Неготино.
Според Бочварски, во минатиот период имало континуирана координација со Министерството, со Јавното претпријатие за државни патишта, со сите подизведувачи, а во насока на решавање и расчистување на сите прашања кои се отвораа во текот на изградбата.
На прашањето што се очекува да покаже анализата на ФИДИК-експертот за патот Кичево – Охрид и кога може да се очекува таа да биде готова, Бочварски рече оти без да се прави политички притисок, туку со стручна анализа ќе се дојде до најдобрата политичка одлука за завршување на автопатот.
Ангажирањето на експертот за ФИДИК-договори, од страна на Министерството за транспорт и врски (МТВ) и Јавното претпријатие за државни патишта е за да направи анализа на договорот меѓу Владата и изведувачот на проектот – кинеската компанија „Синохидро“. Исто така, поддршката од страна на експертите за ФИДИК ќе биде во насока на покажување на тоа во кој правец треба да продолжи државата во насока на завршување на овој проект.
Според Бочварски, експертите кои дополнително ќе бидат ангажирани од Јавното претпријатие за државни патишта ќе бидат за да се најде најдоброто решение за свлечиштата и косините кои се реален проблем на голем дел од трасата на автопатот Кичево-Охрид.
„По утврдување на сите овие правци кои ќе произлезат од стручни лица, без притоа да се прави политички притисок, туку со стручна анализа ќе дојдеме до најдобрата политичка одлука која ќе ја донесеме и за завршување на автопатот, но и тој да биде сигурен и безбеден за патување“,
рече Бочварски.
Причините поради кои се ангажираат експерти и се прави анализа на договорот од Министерството за транспорт и врски велат дека е тоа што рокот за изградба на автопатската делница Кичево – Охрид завршува на 31 декември оваа година, а состојбите на терен говорат дека инфраструктурниот проект нема да биде заокружен навреме.
Вчера, премиерот Димитар Ковачевски рече дека одговорни за проектирање на автопатот Кичево – Охрид се проектантските куќи и оти тие имаат име и презиме, имаат лиценци што ги добиле во оваа држава и, второ, според Ковачевски, одговорен за изградба на автопатот е изведувачот на работите кој има договор со сила на закон.
Според Ковачевски, ревизијата на Државниот завод за ревизија (ДЗР) во Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), во однос на финансиските и процедурални аспекти на капитални проекти, кое е во тек, и ангажирањето експерт за ФИДИК (Меѓународен стандард за реализација на меѓународни договори), треба да дадат одговор на прашањето дали кинескиот изведувач и ангажираните подизведувачи се во состојба да го изградат автопатот.
Премиерот, како една од опциите за која треба да се размислува го посочи и раскинувањето на договорот со изведувачот затоа што, според него, недозволиво е еден автопат од 40 километри да се гради повеќе од 10 години и сè уште да не е направен.
„360 степени“ пред еден месец објави сторија за состојбата со изградбата на оваа автопатска делница. Сликата на терен остава впечаток дека нема реални изгледи изградбата на автопатот од Кичево до Охрид да заврши во 2023 година, како што беше предвидено со закон. Договорот за изградба на делницата е потпишан пред точно 10 години со кинески „Синохидро“, а за тоа досега се потрошени 421 милион од предвидените 598 милиони евра, иако првичната сума за проектот беше 374 милиони.