Кога еден објект ќе се стави во правна рамка, вели Бочварски, општината ќе може да наплати повеќе средства, со цел да може да ги реши и инфраструктурните прашања
Новиот Закон за легализација на бесправно изградени објекти ќе предвидува и казнени пенали со што би се одвратиле граѓаните да влегуваат во такви постапки и да градат нелегални објекти, вели министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски во вечерашното интервју на „360 степени“.
Новиот Закон за легализација на бесправно изградени објекти е дел од договорот што произлезе од лидерската средба меѓу премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тие се договориле, во Собранието да се донесат измени и дополнувања на постојниот, но да се изгласа и нов Закон за легализација на дивоградби, со што рокот во кој можел да биде изграден нелегален објект што би бил предмет на легализирање се поместува од март 2011 година за октомври 2019 година.
„Првиот аспект се казнените пенали, а вториот аспект е урбанизацијата и новиот Закон за урбанистичко планирање којшто ќе даде можност за урбанизирање на средините и поголема капацитетност на општините да можат брзо да носат урбанистички планови, а притоа да ги одвраќаме луѓето да влегуваат во вакви постапки на бесправно изградени објекти. И третиот и за мене најважен аспект е билдањето на капацитетите на инспекциските служби. Тоа го започна оваа Влада преку покачување на платите перманентно во неколку години на градежните инспектори, така што, многу важно е да ги зајакнеме инспекциските служби. Но, факт е дека такви објекти постојат и треба да ги решава оваа држава. Дали ќе ги решава или ќе ги става по тепих тие на крајот од денот ќе станат голем проблем“,
вели Бочварски.
Кога еден објект ќе се стави во правна рамка, вели Бочварски, општината ќе може да наплати повеќе средства, со цел да може да ги реши и инфраструктурните прашања.
„Јас бев и градоначалник и ги знам сите овие состојби. Кога се става во правна рамка или кога се легализира еден објект за едно евро за метар квадратен тогаш имате објекти кои се легализираат за 100 евра, ако се објекти од 100 метри квадратни и тогаш општината не прибира воопшто средства за да може да ги реализира сите инфраструктурните прашања, а проблемите постојат. Граѓаните доаѓаат и прашуваат кога ќе ми изградите улица, кога ќе има водовод, канализација итн. Но, таков проблем со новиот закон нема да има, бидејќи ќе се платат повеќе од средствата кои се плаќаат за редовни комуналии и со тоа општината ќе ја преземе обврската да ја изгради потребната инфраструктура“,
вели Бочварски.
Додава дека една од целите на новиот закон ќе биде и решавање на национални прашања односно решавање на општински или државни објекти кои во минатото, иако биле изградени според редовни постапки, тие не биле впишани како постоечки, бидејќи во тоа време не постоел катастар.