Помеѓу 350 и 400 милиони евра ќе бидат инвестирани во следната година за патната инфраструктура, што е историски највисоко ниво, вели министерот за транспорт и врски
За наредната 2023 година имаме најголем буџет за патна инфраструктура и нашите очекувања се дека заедно со Јавното претпријатие за државни патишта ќе инвестираме помеѓу 350 и 400 милиони евра што ќе биде историски највисоко ниво за изградба и реконструкција на патна инфраструктура, рече денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на отворањето на „Вториот македонски конгрес за патишта 2022“ во организација на Друштвото за патишта.
„Владата преку Министерството за транспорт и врски и јавните претпријатија за патишта, силно е посветена во реализација на националната транспортна стратегија која опфаќа изградба и модернизација на патната мрежа низ земјата. Нашите политики имаат јасна цел, а тоа е создавање на квалитетна патна мрежа, подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани и забрзан економски раст и развој на државата. Во текот на изминатите неколку години инвестиравме над една милијарда евра за изградба и реконструкција на преку 1 300 километри патна мрежа, со што дадовме силен инпут во создавање на нова патна мрежа и позиционирање на државата на главната паневропска мрежа на коридори“,
рече Бочварски.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи посочи дека добрата инфраструктура е еден од основните предуслови за развој на една држава.
„Оваа состојба која е веќе 30 години мора да ја менуваме. Проектирањето и изградбата на нашите патишта изгледа дека е Ахилова пета. Доброто проектирање ќе ја олесни нивната реализација, а соодветното и реално планирање ќе овозможи да не се соочуваме со проблеми како сегашните“,
рече Битиќи.
Тој посочи дека сега е вистинско време да се смени пристапот и да се применат најдобрите практики од развиените земји за да не се соочуваме со проблеми како досега при реализацијата на патиштата.
„Дојдено е време наместо да зборуваме за вредност на проекти, да зборуваме за нивниот квалитет“,
потенцира Битиќи.
Директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми истакна дека поголемата соработка во сите фази на изработка на проектите е од особено значење за навремено надминување на секоја пречка.
Како институција која е задолжена за изградба, реконструкција, рехабилитација и управување со патиштата, се соочуваме често и со проблемот во косините кој ни се појавува во проектите и изградбата на патиштата. Па токму затоа на овој настан сакам да го потенцирам проблемот во изработка на проектна документација во делот на косините кој се јавува при реализација на проектите. Сметам дека во иднина е потребно сите учесници при изработка на проектните документации максимално да се посветат со цел да постигне повисоко ниво на квалитет на проектната документација, особено во делот на проектирање на косини“,
рече Рустеми и додаде дека ваквите собири се вистинска можност стручната фела да размени искуства со цел да се надминат проблемите што се појавуваат во текот на реализација на проектите.