Увидот покажал, нагласи министерот, дека темелот е во многу лоша состојба
Железничкиот мост на Црна Река ќе биде саниран за 60 дена, но не се исклучува и можноста од изградба на нов, траен мост, посочи денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
Увидот покажал, нагласи Бочварски, дека темелот е во многу лоша состојба.
„Она што го добив како информација по увидот, е дека темелот е во многу очајна и лоша состојба и таму ќе биде потребна поголема и потемелна санација што ќе ја утврди проектантот и секако, Градежниот факултет, со цел да влеземе веднаш во постапка и очекувам дека во наредните 60 дена ќе се изврши санација, а доколку има можност и реализација на комплетно нов мост што ќе биде траен, за да не ни се случуваат вакви пункнатин во една од главните транзитни точки на Коридорот 10,
истакна министерот.
Ги чекаме анализите од експертите и стручните лица за потоа, појасни Бочварски, Владата, а секако и Министерството и Јавното претпријатие да донесат заедничка одлука во кој правец ќе одиме, која реконструкција ќе ја почнеме за да се операционализира овој проект и да се врати сообраќајот во нормала и во движење.
Поради напукнатиот бетонски столб на мост на Црна Река, железничкиот сообраќај на линијата Гевгелија – Велес од вчера се одвива комбинирано, со воз и автобус.
Прекинот на железничкиот, патнички и товарен сообраќај, меѓу станиците Кукуричани и Градско (во близина на Стоби), е во прекин од минатиот вторник.
Сепак, патничкиот сообраќај се одвива со „премостување“ – со автобуски превоз.
Патниците што патуваат со воз од Скопје од станицата кај Градско го продолжуваат патот со автобус. Исто така, оние што со воз ќе тргнат од Гевгелија од Криволак патот ќе го продолжат со автобус.