Како Влада секако дека имаме разработено варијанти во однос на отпочнување и изградба на коридорите 8 и 10 Д зашто нашиот приоритет е да имаме модерни и безбедни патишта. По кој принцип и на кој начин ќе се изградат е работа на Парламентот, Владата и сите останати институции, како и на Јавното претпријатие за државни патишта кое е задолжено за изградба и реконструкција на патиштата во државата и има најголеми капацитети и ресурси во овој дел.
Ова го изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на прашањето дали постои план „Б“ по најавата на Антикорупциската комисија дека ќе го оспори Законот за изградба на автопатишта пред Уставниот суд.
„Не би сакал да навлегувам и немам право да навлегувам во однос на работата на Парламентот и на Уставниот суд заради тоа што сите имаат ингеренции во доменот во кој работат и функционираат. Не би сакал да ги коментирам сите овие најави. Секоја институција си има своја обврска, одговорност и ингеренција да работи во државата и не би ги коментирале нивните обврски и ингеренции, бидејќи Собранието е над Владата и ја бира Владата“,
рече Бочварски.
Како држава, вели Бочварски, ние сме демократски поставено општество и Собранието си ги има своите надлежности.
„Парламентарните групи поднесоа закон кој беше усвоен, а коректорот на Собранието секако може да биде Уставниот суд кога би имало иницијатива да одлучува дали одреден закон кој е донесен ги содржи елементите за кои е оспоруван или не. Секој кој што смета дека треба да покрене некоја инцијатива може да го направи тоа зашто ова е демократска држава“,
прецизира Бочварски.
Собранието неодамна едногласно го изгласа Законот за изградба на автопатишта со кој се предвидува амерканско-турскиот конзорциум „Бектел–Енка“ да ги гради автопатиштата Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчани, Требеништа-Струга-Ќафасан и Битола-Прилеп по принципот клуч на рака.