При увид на градежните работи на првата фаза од експресниот пат од Градско до Дреново, министерот Благој Бочварски заедно со директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми, истакнаа дека се избрани нови изведувачи за првата и втората фаза, за што за првата фаза од Градско до Дреново со должина од 15,5 километри се издвоени 24,7 милиони евра, а градежните работи ги презема компанијата „Штрабаг“. Додека втората фаза од Дреново до Фаришка клисура, градежните работи ги презема кинеската компанија Синохидро.
Министерот Бочварски рече дека граѓаните на Прилеп и Пелагонија за две години ќе возат по модерен и безбеден експресен пат.

„Знаеме колку им е потребен на граѓаните заради побрза комуникација, заради поголема безбедност во сообраќајот, заради развој на Пелагонија и регионот и уверуваме дека работиме со сите напори овој патен правец да го финишираме“,
рече Бочварски.
Бочваркси додаде дека активно се работи на подготовка на документацијата и за проширување со по уште една лента во двата правци на потегот од мостот на Ленишка Река до влезот на Прилеп.

Директорот на ЈП Државни патишта, Рустеми, нагласи дека експресниот пат Градско – Прилеп е поделен на 3 делници.
„Делницата Градско – Дреново е со должина од 15,5 км. Предвидени се 5 вијадукти/мостови, 4 надпатници, 4 подпатници и две клучки кај Градско и Росоман. Содржи две возни ленти од 3,5 метри, две ленти за застанување од 2,5 метри и по две рабни ленти, со вкупен патен профил од 12,4 метри“,
изјави Рустеми.