Стручната комисија при Министерството за транспорт и врски оценила дека елаборатите за суспензија на спорните урбанистички планови се промашени и дека Општина Центар не докажала оти со нивна имплементација ќе се нанесе несомнена штета на јавниот интерес
Градоначалникот Богдановиќ не прецизира дали ќе стави потпис на одобрението за градба кај „Холидеј Ин“. Посочува дека со одговорот на Министерството за транспорт и врски, основите по кои Општината барала суспензија на плановите „паѓаат во вода“ и дека за следните чекори ќе одлучат општинските советници
Нема основ за суспензија на спорните урбанистички планови во Општина Центар, со што, меѓу другото, требаше да се стопира изградбата на згради кај паркингот спроти „Холидеј Ин“ и на просторот на поранешната фабрика „Треска“ во центарот на Скопје.
Стручната комисија при Министерството за транспорт и врски утврдила дека Општина Центар ги промашила елаборатите за суспензија, односно наместо да бара суспензија за конкретни спорни локации, Општината побарала суспензија на цели детални урбанистички планови, притоа посочувајќи нерегуларности само за одредени места, а не за цели планови.
Членови на Комисијата и министерот Благој Бочварски кажаа дека во 11-те елаборати за суспензија кои опфаќаат 22 детални урбанистички планови, Општина Центар не докажала штета по јавниот интерес. Според мислењето на Комисијата, во елаборатите има неколку проблематични аспекти:
- Елаборатите не се изготвени во согласност со Законот за урбанистичко планирање од формално правен аспект, односно Општината се повикaла на член 35 од законот за процедура што е уредена во член 23;
- Доставените елаборати не содржат конкретни податоци со кои се докажува “несомнена штета по јавниот интерес“;
- Елаборатите не треба да се однесуваат на цели ДУП-ови доколку штетата по јавниот интерес што треба да се докаже, односно предметот на елаборатот за суспензија, е базиран само на дел од планот;
- Нумеричките показатели од ГУП-от не се релевантни во споредба со нумеричките показатели од ДУП-от како доказ за несомнена штета по јавниот интерес.
Професорот Мирослав Грчев, член на Комисијата, рече дека доколку се бара суспензија на цел ДУП, треба да се докаже дека цел план е лош, а во случајот, како што посочи, зборот „штета“ не е ниту спомнат. Според него, во елаборатите се посочуваат одредени неусогласености на ДУП-от со ГУП-от кои, како што рече, не претставуваат доказ за штета на јавниот интерес.
„Во Деталниот урбанистички план каде што е локацијата спроти ‘Холидеј ин’, во елаборатот не е спомната штета по јавниот интерес ниту со збор. Не е посочено кој дел од планот би правел штета. Елаборатот не содржи ниту еден елемент кои, според законот, треба да ги има во барањето за суспензија. Таму е посочено несовпаѓање меѓу границите на планските опфати со границата што е исцртана во Генералниот план. Меѓутоа, такви несовпаѓања, тоа се граници кои може човек да ги нарече административни, немаат никаква практична примена, ниту пак штета. А тие токму тоа непоклопување го наведуваат како причина за суспензија на целиот план што е безпредметно, неупотребливо и комплетно спротивно на законот“,
рече Грчев.
Бочварски посочи дека ова мислење на Комисијата не е обврзувачко и дека крајната одлука ќе ја донесе Општината.
„Ова е само стручно мислење на Комисијата, согласно своите надлежности Општината има суверено право да одлучува за суспензија или реализација на ДУП-овите. Не секогаш е потребно да посегнуваме по алатките за суспензија, туку Општините секогаш може кога ќе сметаат дека ќе има одредена штета по јавниот интерес да покренат постапка за промена на тој план, без притоа да чекаат да се случи нешто за да бараат било каква суспензија. Ова се мислења на стручната комисија, ќе ги доставиме до Општина Центар каде Советот може да одлучи за или против суспензија“,
рече Бочварски.
Богдановиќ не открива дали ќе даде „амин“ за градба
Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, во изјава за „360 степени“, вели дека Општината доставила елаборати за суспензија на цели ДУП-ови, бидејќи вели дека само така можело да ги сумираат параметрите на плановите кои отстапуваат од Генералниот урбанистички план. Одговорите на Министерството за транспорт и врски вели дека ќе ги достави до советниците, кои понатаму ќе одлучат како би продолжила постапката.
„Ние ги поднесовме елаборатите за суспензија за цели планови, бидејќи бројките се гледаат на куп. Нашиот аргумент е дека линиите на ДУП-овите со ГУП-от не се совпаѓаат. Во одговорот од Комисијата велат дека тоа не е доказ дека има штета за јавниот интерес туку само да се поправи таа линија. Во делот каде велиме дека има надминување на параметри, тие укажуваат дека со ГУП-от се дозволуваат линиски центри кои не навлегуваат во параметрите, односно дека надминатите параметри може да се усогласат со линиските центри“,
вели Богдановиќ.
Според него, одговорот на Министерството за транспорт и врски укажува дека основите по кои се бара суспензија „не држат вода“, а што понатаму ќе преземе Општината, вели дека ќе одлучат советниците.
Алатката за суспензија на спорни урбанистички планови беше во фокус на јавноста особено поради локацијата кај паркингот спроти „Холидеј ин“ каде, согласно стариот ДУП, треба да никнат висококатници. Богдановиќ не открива до каде е процедурата за градба, односно дали ќе стави потпис на одобрение за градба на проектот за кој инвеститорите веќе имаат платено комуналии за градба.
„Почната е управна постапка по барањето за дозвола за градба. Штом ќе го разгледаме мислењето на Министерството за транспорт и врски, ќе знаеме како ќе постапуваме. Морам да го известам Советот“,
вели Богдановиќ.
Институционален „пинг-понг“
Ова не е прв безуспешен обид за суспензија на спорните планови. Уште на 17 декември лани со заклучок на Општина Центар, градоначалникот Саша Богдановиќ беше обврзан да поведе постапка за суспензија на сите спорни детални урбанистички планови. Постапката требаше да се базира на стручен елаборат и тој да биде испратен до Министерството за транспорт и врски. Министерот Бочварски тогаш рече дека примиле допис од Општината Центар, но дека во него има само барање за мислење – како Општината да го изработи елаборатот, а не и елаборат за суспензија на детални планови. Затоа, на Општината и одговорија дека не може да разгледуваат суспензија на детални планови сѐ додека не добијат и елаборат за оправданост, како што предвидува законот.
По ова Советот ја поништи одлуката од декември 2020 г. со која градоначалникот беше задолжен да побара суспензија на деталните урбанистички планови кои беа под мораториум и не стигнаа да се усогласат со ГУП до одлуката на Уставниот суд. На седницата беше донесен нов заклучок за поведување постапка по член 23 од Законот за урбанизам. Општината достави до Министерството за транспорт и врски нови елаборати за суспензија, кои денеска Комисијата во министерството ги оцени како „промашени“.
Освен спорната локација кај „Холидеј ин“, со елаборатите за суспензија беше опфатена и локацијата кај поранешната фабрика „Треска“ кај која, согласно стариот ДУП кој се врати на сила по падот на мораториумот, треба да никнат триесетина згради.
Богдановиќ останува на ставот дека Општината ќе распише јавен конкурс за идејно решение за овој простор и смета дека и покрај неуспешниот обид за суспензија на ДУП-от, тоа е правно издржано решение.
Инвеститорите се заканија и со кривични пријави за општинските советници доколку распишат јавен конкурс за просторот кај „Треска“. Се бранат со т.н. „стекнато право“, принцип што според нив забранува да се скрати еднаш дозволена висина и основа за градба на една градежна парцела во приватна сопственост. Колку барања за градба и доокрупнувања на земјиште чекаат потпис од градоначалникот, Богдановиќ не открива.
А во моментот кога ќе се издадат одобренија за градба и тие станат правосилни, изградбата не може да ја спречи ниту конкурс, ниту суспензија на планови.