Во своето писмено соопштение до јавноста, Блупринт-групата за реформи во правосудството бара итно прекинување на постапката за избор на нови членови во Судскиот совет или во спротивно, ќе ги повикаат судиите кои треба да гласаат на изборите да го бојкотираат процесот
Иако од домашните и меѓународните организации често доаѓаат низа критики и негативни реакции за несоодветното постапување на Судскиот совет во изминатиот период, сепак нивното понатамошно работење покажува дека се продлабочува јазот и недовербата која постои помеѓу нив и македонската јавност – се вели во реакцијата на Блупринт-групата.
Од таму велат дека последен ваков пример е постапката за избор на нови членови каде како кандидате се утврдени судии за кои се води постапка за утврдување на нестручно и несовесно работење – постапка која е итна и роковите за нејзино спроведување се утврдени во Законот за Судски совет.
„Би сакале да потенцираме дека одлуката за запирање на постапката за одговорност сѐ уште не е објавена, ниту е правосилна за да може јавноста да се запознае со причините за запирање на истата. Ваквото однесување на ССРСМ фрла сомнеж vis-à-vis кандидатот за член на ССРСМ. Од друга страна може да се забележи и неконзистентно постапување на членовите на ССРСМ кога е во прашање нивниот „формализам“ околу прифаќање на условите за исполнување на таксативно наброените документи потребни за кандидатура за член на ССРСМ“,
се вели во соопштението.
Од групата велат дека за да се зголеми довербата во судството која е на рекордно ниско ниво, би требало да се инсистира на цел нов состав и нови кандидати за членови на Судски совет. Кандидати, кои би поседувале интегритет и високи морални и етички квалитети но и кои се истакнати правници со докажано искуство и препознатливост во правничката професија.
„Посебно сакаме да ја нагласиме изјавата на г. Дејвид Гир амбасадор на ЕУ во РСМ, но и реакциите на останатите амбасадори во нашата земја кои будно ја следат работата на Судскиот совет и неговото постапување во последниов период. Тие ја нагласуваат потребата да се преиспита работењето на ова тело во насока на обезбедување на независно, непристрасно работење на судството и подигање на интегритетот на судиите“,
велат од Блупринт-групата.
За да се случи ова, тие предлагаат да се прекине постапката за избор на нови членови и да се почека Оценската мисија за оценување на работата на советот да даде свое видување за актуелната состојба во работењето. Во спротивно, како крајно средство за спречување на понатамошното незаконско и нелегитимно постапување на Судскиот совет на РСМ, Блупринт-групата ќе ги повика судиите кои треба да гласаат на изборите за членови на Судскиот совет, од судовите во апелационото подрачје Скопје и Врховниот суд на Република Северна Македонија да го бојкотираат процесот за избор на членови поради нелегитимноста на Судскиот совет на РСМ.
Инаку, вчера евроамбасадорот Дејвид Гир најави дека ЕУ испраќа оценска мисија во земјава по низата скандали и превирања во Судскиот совет. Гир појасни дека се работи за советодавна група, која треба да помогне во изнаоѓање на начините на кои Европската Унија може да одговори на прашањата за професионализмот, интегритетот и независноста на Судскиот совет, за ова тело да може во иднина да ја врши својата работа во духот на овие вредности.
„Ги следиме случувањата во Судскиот совет одблиску и со голема загриженост. Судскиот совет треба да игра многу значајна улога – да ја штити и промовира независноста, професионализмот и интегритетот на судството. Јасно е дека не го прави тоа. И она што го видовме неодамна е навистина многу загрижувачки“,
рече Гир во гостување на ТВ Телма.
Денеска пак, премиерот Ковачевски ја поддржа идејата на ЕУ за испраќање оценска мисија за работата на Судскиот совет. Тој додаде дека не е првпат, и во минатото, како што рече, имало оценски мисии на ЕУ, а за оваа тема разговарал со евроамбасадорот Гир пред година и половина.