Синоќа, нешто пред 23 ч. Блок 1 во РЕК Битола бил синхронизиран со електроенергетскиот систем на земјата, соопштија од Владата на Република Северна Македонија. Со тоа, РЕК Битола двојно го зголеми капацитетот за производство на струја.
„Постројката е повторно во функција после 23 дена ремонт и заедно со Блок 2 испорачуваат електрична енергија. Ремонтот, кој обично трае 45 дена и повеќе, завршен е во рекордно краток рок, пред се благодарение на вработените во РЕК Битола и на ангажманот на исклучиво домашни фирми”,
се наведува во соопштението од Влада.
Согласно Планот за производство и во непроменети околности, РЕК Битола треба да продолжи да работи со два блока до почетокот на ноември. Откако ќе биде монтиран новиот трансформатор на Блокот 3, во краткотраен ремонт треба да влезе и Блок 2 со цел да се зголеми доверливоста и стабилноста на капацитетот во екот на грејната сезона.