Патувањето на американскиот државен секретар во Киев е негово прво од септември 2022 година и доаѓа неколку дена откако украинскиот претседател Володимир Зеленски ги разреши министерот за одбрана и неколку други официјални лица поради загриженост за корупција во врска со набавката на воена опрема
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска пристигна во ненајавена посета на Киев.
Патувањето на Блинкен во Киев е негово прво од септември 2022 година и доаѓа неколку дена откако украинскиот претседател Володимир Зеленски ги разреши министерот за одбрана и неколку други официјални лица поради загриженост за корупција во врска со набавката на воена опрема.
Според најавите, високиот американски функционер се очекува да оствари средба со украинскиот претседател Зеленски, со министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба и со останати функционери.
За време на дводневната посета на Украина, се очекува Блинкен да објави нов пакет американска помош во вредност од над една милијарда долари, објави Ројтерс цитирајќи висок функционер на Стејт департментот.
Од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари минатата година, САД испратија над 43 милијарди долари воена помош за Украина, а последниот пакет помош од Вашингтон беше објавен на крајот на август.