Во обраќањето од Тел Авив, американскиот државен секретар рече дека му пренел на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху оти е потребно да се одредат безбедни зони во јужниот и централниот дел на Газа кои ќе служат како засолниште за цивилите
Израел треба да вложи дополнителни напори за заштита на цивилите во Газа кога ќе продолжи со својата воена акција против Хамас, изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен на прес-конференција од Тел Авив.
Во обраќањето, Блинкен рече оти израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху јасно ставил до знаење дека Израел има намера да ги продолжи своите воени операции, нешто што може да се случи за неколку дена. Но, кога тоа ќе се случи, порача Блинкен, не може да се повторуваат првите, брутални недели од израелскиот напад врз Газа.
Во обраќањето, Блинкен рече дека му пренел на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху оти е потребно да се одредат безбедни зони во јужниот и централниот дел на Газа кои ќе служат како засолниште за цивилите.
„Пред сè, Израел мораше да спроведе планови за хуманитарна цивилна заштита пред да се врати во војна, вклучувајќи јасно и прецизно одредување области во централна и јужна Газа каде што цивилите можат да бидат безбедни и надвор од линијата на огнот“,
изјави американскиот државен секретар од Тел Авив.
Додаде дека премиерот на Израел се согласува со потребата од овој пристап за заштита на цивилите и дека израелската влада понудила конкретни чекори за да го стори тоа.
Дополнително, Блинкен упати порака оти Израел мора да избегне понатамошно раселување на цивилите и дека не смее да ја оштетува критичната инфраструктура како болници и електрани.
Американскиот државен секретар синоќа од Скопје отпатува за Израел каде, како што соопшти, ќе биде фокусиран на продолжување на паузата во борбите во Газа.