Блинкен експлицитно ги изложи условите на Соединетите Држави за „траен мир и безбедност“ во Газа по војната, нагласувајќи дека нејзината територија не смее да биде намалена или окупирана
Јасно е дека Израел не може да ја окупира Газа, но можеби ќе има потреба од одреден преоден период на крајот на конфликтот меѓу Израел и Хамас, посочи американскиот државен секретар, Антони Блинкен, пренесува „Си ен ен“.
Спомнувањето на највисокиот американски дипломат за „транзициски период“ дојде како одговор на коментарите на премиерот Бенјамин Нетанјаху, кој претходно рече дека Израел ќе ја има „целосната одговорност за безбедноста“ во Газа на „неопределен период“ по завршувањето на војната со Хамас.
Блинкен рече дека слушнал од израелските власти дека „немаат намера повторно да ја окупираат Газа и да ја задржат контролата врз Газа“.
Во имплицитно отфрлање на коментарите на Нетанјаху, Блинкен експлицитно ги изложи условите на Соединетите Држави за „траен мир и безбедност“ во Газа по војната, нагласувајќи дека нејзината територија не смее да биде намалена или окупирана.
„Императив е палестинскиот народ да биде централен во управувањето во Газа, а исто така и на Западниот Брег, и повторно, не гледаме реокупација“,
рече Блинкен на прес-конференција по состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 во Токио.
Според него, единственото прашање е дали има некој преоден период што може да биде неопходен.
„И кои би можеле да бидат механизмите што би можеле да ги поставите за тоа за да бидете сигурни дека постои безбедност. Но, ние сме многу јасни дека нема повторна окупација, исто како што сме многу јасни дека нема раселување на палестинското население“,
рече тој.