Блинкен и Остин објавија дека Вашингтон ќе обезбеди 713 милиони американски долари дополнително воено финансирање за Украина и 15 други европски земји
Најавената посета на Киев американскиот државен секретар Ентони Блинкен и министерот за одбрана Лојд Остин вчера се реализираше, без претходно да ја потврди Белата куќа. Се чини, како што пишува Би-би-си, Вашингтон не сакаше да го потврди патувањето сè додека двајцата американски функционери не се вратија безбедно во соседна Полска.
Блинкен и Остин во Киев се сретнаа со украинскиот претседател Володимир Зеленски што беше и прва средба меѓу Зеленски и американски претставници од почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари.
„Денес, украинскиот народ е обединет и силен, а украинско-американското пријателство и партнерство се посилни од кога било“,
напиша доцна синоќа Зеленски на Твитер.
По средбата, Блинкен и Остин објавија дека Вашингтон ќе обезбеди 713 милиони американски долари дополнително воено финансирање за Украина и 15 други европски земји.
Според соопштението, повеќе од 322 милиони долари од овие средства ќе и бидат доделени на Украина, а остатокот ќе биде распределен меѓу земјите од Централна и Источна Европа.
Патувањето беше искористено и како можност да се објави дека оваа недела повторно ќе почне со работа амбасадата на САД во главниот град на Украина.
Повикувајќи се на информации од висок претставник на Стејт департментот, Си-ен-ен јави дека покрај со Зеленски, Блинкен и Остин се сретнале и со министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба, министерот за одбрана Алексеј Резников и министерот за внатрешни работи Денис Монастирски.