Во интервју за РСЕ, на прашањето дали контактирал со Артан Груби, организацискиот секретар на ДУИ, Блерим Беџети, кратко одговори – не. Прашан дали знае каде е, рече дека немал комуникација ниту претходно, ниту по бегството

Не е само мој личен став, туку и партиски став е дека секој што се огрешил пред законот треба да одговара пред органите. Ова е одговорот на организацискиот секретар на ДУИ, Блерим Беџети, на прашањето во интервју за Радио слободна Европа – три месеци по бегството на поранешниот висок функционер на ДУИ, Артан Груби, дали тој смета дека Груби требаше да избега.
„Но, имајќи предвид дека дотичниот господин веќе не е дел од структурите и партијата, тоа е веќе негово лично прашање“,
рече Беџети.
На прашањето дали контактирал со него, Беџети кратко одговори – не. Прашан дали знае каде е, рече дека немал комуникација ниту претходно, ниту по бегството.
„Реално, тоа треба да го знаат надлежните органи“,
додаде Беџети.
Артан Груби, поранешен прв вицепремиер од редовите на ДУИ, по ставањето на американската „црна листа“ во декември минатата година, објави дека се повлекува од јавниот живот, велејќи дека е „чист како солза“ и дека таква одлука донел за мир на неговото семејство и зачувување на личниот интегритет.
Набргу по одлуката на американскиот Стејт департмент тој избега од државата откако домашните институции ги засилија активностите, што резултираше со отворање истрагата за случајот „Лотарија“.
Груби државата ја напушти преку граничниот премин „Долно Блаце“ на македонско- косовската граница.