Новиот иницијативен одбор кој беше оформен пред неколку дена, денеска во Битола во централното градско подрачје организираше протест на кој беше побарано едначење на минималната пензија и минималната плата, како и линеарно зголемување на пензиите, а не проценутално.
Претседателот на одборот Дано Чолаковски рече дека се незадоволни од работењето на Здружението на пензионери, кои наместо да се борат за нивните права, даваат изјави со кои ја поткопуваат нивната борба. Воедно кажа дека не се задоволни од висината на пензиите.
„Сите здруженија од Битола, Могила и Новаци бројат над 18 000 членови и сме најбројни. Зборувавме за повеќе проблеми, но сега ќе зборуваме само за зголемувањето на пензиите, односно за причините за вака мали пензии и усогласувањето на пензиите. Голем е бројот на пензионери кои имаат минимални или просечни пензии, а тоа изнесува од 70 до 80 проценти од вкупниот број на пензионери”,
рече Чолаковски.
Претседателот побара масовност на протестот на пензионерите кој е закажан на 14-ти август во Скопје, од каде што ќе ги достават своите барања.
Претходно денеска кавадаречките пензионери преку мирен протест упатија барања за линеарно покачување на пензиите, а минималната пензија да не е под 20 000 денари. Присутните на протестот на градскиот плоштад упатија јавен апел до сите пратеници и до Сојузот на пензионери да се заложат за ова. Од Иницијативниот одбор на пензионери од Кавадарци повикаа на масовен протест.
„Се собравме да побараме подобар живот. Бараме покачување на пензиите. Во Кавадарци има 6 070 пензионери, од нив 3 000, а можеби и повеќе земаат пензија до 15 000 денари. Како да преживееме со тие примања. Затоа бараме линеарно покачување на пензиите во септември. Зошто скоро во сите општински здруженија работат пензионери со високи пензии, па плус земаат. И ние со ниски пензии знаеме, можеме и сакаме да работиме во здруженијата на пензионери, со тоа да придонесеме за подобар живот на пензионерите“,
рече пензионерката Драгица Антиќ.
Инаку, пензионери веќе подолг период протестираат во повеќе градови низ земјава барајќи поголеми пензии. Вчера пензионери на протест во Струмица побараа линеарно зголемување на пензиите за 3 500 денари.
Пензионери протестираа и пред Собранието во Скопје. Протестот на кој присуствуваа мал број пензионери од главниот град се одржа во паркот „Жена борец“. Главните барања на пензионерите беа зголемување на минималната пензија, односно едначење со минималната плата, како и воведување линеарно покачување на пензиите наместо процентуално.
За в понеделник е закажан протест на пензионерите во главниот град Скопје, на кој би требало да земат учество сите пензионерски здруженија кои моментално протестираат.