Протестот го организираат блиски на шестгодишната Јана која почина на 22 март на Детското одделение во битолската клиничка болница. Девојчето, со симптоми на настинка, покачена температура и дијареја, родителите го однеле на педијатриското одделение и починало додека примало инфузија. Родителите на девојчето изразија сомнеж дека детето не било соодветно третирано
Под слоганот „Правда за Јана“, утре од 19 часот на плоштадот „Магнолија“ во Битола ќе се одржи протест поради смртта на шестгодишната Јана која почина пред една недела на Детското одделение во битолската клиничка болница.
Најавата за протестот е објавена на социјалната мрежа Фејсбук, а го организираат блиски на девојчето.
„Битката за барање #ПравдаЗаЈана, која однапред знаеме дека институционално ја губиме, не претставува битка на која треба да застанеме и да го кажеме добро познатото тридецениско ‘тоа е’. Да се обединиме, да се видиме сите во среда на 29 март на плоштад ‘Магнолија’ во 19:00 часот и да кажеме дека заедно сме посилни. Нашиот кренат глас е наше право. Тоа е наша појдовна точка од која треба јасно и гласно да кажеме ‘доста е’“,
пишува во една од фејсбук-објавите на Игор Петковски, организатор на настанот.
Во објавата тој порачува дека е доста од нефункционалност на здравствениот систем и додава дека на утрешниот протест граѓаните ќе бараат правда за Јана, но и оставки и реформи во здравството.
Шестгодишната Јана од битолското село Кравари почина на 22 март на Детското одделение во битолската клиничка болница. Девојчето, со симптоми на настинка, покачена температура и дијареја, родителите го однеле на педијатрија и починало додека примало инфузија.
Родителите на девојчето се сомневаат дека детето не било соодветно третирано и велат дека и покрај покачениот шеќер во крвта, девојчето примало инфузија со гликоза по што шеќерот се покачил на 19.
По смртта на шестгодишното девојче, Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) направи вонреден инспекциски надзор во болницата, по што информира дека во лекувањето на Јана не биле констатирани неправилности.