„Во 1 260 функционери има судии, обвинители, градоначалници, 120 пратеници, 20 министри, директори. Сите треба да се согласат дека сакаат нивните плати да бидат намалени, а гледате дека во суштина во нашето општество тешко се доаѓа до консензус за уште поважни прашања, а камоли да им земете нешто од џебот“, вели Битиќи

Законското решение со кое Владата предлага да нема зголемување на функционерските плати во март, идната недела или најдоцна до крајот на годината ќе биде готово и ќе биде доставено до Собранието, информира денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
„Законското решение, најверојатно, ако не наредната недела, до крајот на годината, ќе го дадеме на Влада. Ќе остане во Собрание да има 61 пратеник, кои ќе се одважат законското решение да го донесат. Поинакво решение нема можност. Кажав дека строго стојам дека не треба да има ново зголемување на функционерските плати од март според методологијата и тоа е најмалку што може да биде направено. И сметам дека тоа не треба да е прашање на разговор со ниту еден друг чинител“,
рече Битиќи.
Според него, за намалувањето на платите на функционерите за 78 отсто е потребен општ консензус од сите.
„Во 1 260 функционери има судии, обвинители, градоначалници, 120 пратеници, 20 министри, директори. Сите треба да се согласат дека сакаат нивните плати да бидат намалени, а гледате дека во суштина во нашето општество тешко се доаѓа до консензус за уште поважни прашања, а камоли да им земете нешто од џебот“,
изјави Битиќи.
За намалување на платите на функционерите изминатиот период министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска рече дека до крајот на годината ќе се пронајде решение и дека во Владата се разгледуваат две опции за решавање на ова прашање. Едната опција, според неа, е да се донесе нов закон за плати во јавниот сектор, а втората опција е да се направи измена на шест-седум закони со кои се регулираат платите на функционерите.
Изминатите два месеца вицепремиерот Фатмир Битиќи и премиерот Димитар Ковачевски најавуваа дека ќе има корекција на Законот за платите на функционерите. Тој најави дека на дел од средствата од намалувањето на функционерските плати ќе се пренаменат за антикризни мерки за најранливите категории граѓани.
Премиерот Димитар Ковачевски рече дека прво треба да се дојде до решение кое ќе направи фер вреднување на работата на секого.
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) на 21 август поднесе предлог до Собранието за намалување на платите на функционерите за 78 отсто. Со поднесувањето на овој предлог од ССМ велат дека бараат итни измени на член 11 од Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието и другите избрани и именувани лица во државата.
Одлуката за зголемување на платата на избраните лица и функционерите беше донесена откако од Уставниот суд се барало оценка на уставноста на членовите 4 и 1, а не членот 11 од Законот за плата и други надоместоци на избраните и именувани лица и дека воопшто не било поставено прашањето според кој процент ќе се зголемат или намалат платите.
Уставните судии велат дека нивните одлуки се конечни и треба да се почитуваат, меѓутоа овие одлуки не забрануваат законодавецот, односно Собранието, да направи законски измени кои потоа извршната власт ќе ги применува. Улогата на Уставниот суд е да изврши оценка дали законите се во согласност со Уставот, рекоа од судот по донесената одлука.
Одлуката на Уставниот суд беше објавена во „Службен весник“ на 23 март и таа е конечна.