„Мислам дека не би требало да има генерален штрајк, особено не би требало основните процеси во државата да бидат доведени во прашање. Помирувачот, кој мислам дека веќе е назначен, ќе си ја заврши својата работа, а ние секој ден сме отворени да разговараме со сите страни за да најдеме решение… Сум кажал, и кога имавме уште поголеми кризи, дека местото за наоѓање решение е на маса, преку дијалог, а не со еднострани дела како штрајкот“, изјави денеска вицепремиерот за економски прашања
Сите вработени во јавниот сектор и администрацијата заслужуваат достоинствени плати, но местото за изнаоѓање решени е на маса преку дијалог, изјави денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, а во врска со најавениот генерален штрајк на вработените во Управата за јавни приходи (УЈП) доколку не го добијат бараното зголемување на платите за 30 отсто.

Битиќи вели оти не очекува УЈП да стапи во генерален штрајк и основните процеси во државата да бидат доведени во прашање, пренесува МИА.
„Мислам дека не би требало да има генерален штрајк, особено не би требало основните процеси во државата да бидат доведени во прашање. Помирувачот, кој мислам дека веќе е назначен, ќе си ја заврши својата работа, а ние секој ден сме отворени да разговараме со сите страни за да најдеме решение. Информации кажуваат дека побарале помирувач. Имаат временски период од десетина дена за да бараат решение. Сум кажал, и кога имавме уште поголеми кризи, дека местото за наоѓање решение е на маса, преку дијалог, а не со еднострани дела како штрајкот“,
рече вицепремиерот за економски прашања одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на новиот погон на американската компанија „Теламон“ во Инџиково, Скопско.
Владата, посочи тој, е отворена за разговор со сите страни, а парцијалните решенија не даваат резултат.
Битиќи информира дека и денеска нема да се одржи седница на Економско-социјалниот совет затоа што од Сојузот на синдикатите (ССМ) најавиле дека не се во можност да присуствуваат. Седницата најверојатно ќе биде закажана за следната недела.
Вицепремиерот за економски прашања рече во меѓувреме се одржал координативен состанок со министрите и директорите засегнати од најавениот штрајк во УЈП и предупредувачкиот протест што минатата недела го одржаа вработените во Царинската управа, кои, исто така, бараат додаток на платата.
„Кажавме дека навистина сакаме решението да биде одржливо. Парцијалните решенија не даваат резултат. За жал, тоа што се случи во Министерството за финансии е резултат на измена на Законот кој неколку години стоеше во собраниска процедура и дојде во момент кога ние наоѓавме одржливо решение. Навистина сме многу блиску со решението во општиот колективен договор, требаше денеска да имаме Економско-социјален совет, но од ССМ најавија дека не можат да присуствуваат зашто не се во државата. Мислам дека следната недела ќе имаме, но во меѓувреме ќе испратиме нов предлог според кој во брза иднина сите вработени во јавниот сектор, не само во УЈП и Царинската управа, ќе добијат достоинствени плати, какви што заслужуваат, а за кои мора да сториме се. Луѓето во јавниот сектор и администрацијата навистина заслужуваат достоинствени плати“,
изјави вицепремиерот за економски прашања.
Од синдикатот на УЈП завчера порачаа дека доколку до 27 јуни вработените во Управата не го добијат бараното покачување на платите за 30 отсто, ќе следува генерален штрајк, што ќе значи дека сите исплати во државата ќе бидат блокирани.
Оттаму велат дека доколку не се изнајде решение и дојде до генерален штрајк тоа нема да биде по нивна вина.
„Доколку не се договориме, ставот на вработените е да се спроведе генерален штрајк. Тоа е нешто што за жал ако дојде ќе биде не по наша вина бидејќи сите наши аргументи, мислења и докази не се земени предвид. Ние не сакаме да дојдеме до резултат врз основа на нешто што ќе се случи и ќе предизвика поголеми последици. УЈП е една стожерна институција, ќе се наруши исплата на плати, пензии и други исплати, ќе се блокира бизнис-секторот, повратот на данок, вадењето уверенија и други потребни документи. Тоа е момент што ние не го посакуваме, меѓутоа вработените се револтирани. Очигледно е дека не се сака да се седне“,
изјави пред два дена Васе Недановски од синдикатот на УЈП.
Вработените од Управата за јавни приходи од 15 јуни, секој ден од 10 до 12 часот, штрајкуваат без да ги извршуваат своите обврски од работното место.
На предупредувачки протест во петокот излегоа и вработените во Царинската управа за да бараат исплата на додатокот во висина од 30 отсто од платите, кој како што велат има следува според Законот за Царинската управа и Колективниот договор.
Протестот тие го одржаа за време на пладневната пауза од 12 до 12:30 часот, но не ја исклучија можноста од радикализација доколку не им се исполни, како што велат, едното единствено барање.
Прашан дали постои шанса на вработените да го добијат додатокот на плата што го бараат, новиот директор на Царината Стефан Богоев за медиумите изјави дека во моментов не може ништо да вети и оти бара повеќе време за детално да се запознае со проблемот.
