Одлуката на Фатмир Битиќи да не ја поддржи интерпелацијата на собранискиот спикер се коси со ставот што вчера го изнесоа од неговата матична партија оти интерпелацијата ќе биде поддржана од нивните пратеници
И покрај партискиот став оти пратеничката група на СДСМ ќе гласа за интерпелацијата на собранискиот претседател Африм Гаши, пратеникот од редовите на социјалдемократите, Фатмир Битиќи, денеска во изјава за медиумите на албански јазик кажа дека нема да ја поддржи.
Во кратка изјава пред почетокот на седницата, Битиќи кажа дека има спротивен став од партијата. Ја нарече шовинистичка и ксенофобична интерпелацијата на Гаши која ја поднесе Левица.
Одлуката на Битиќи да не ја поддржи интерпелацијата на собранискиот спикер се коси со ставот што вчера го изнесоа од СДСМ оти интерпелацијата ќе биде поддржана од нивните пратеници. Ваквата одлука беше донесена на вчерашната координација на пратениците од СДСМ и коалицијата, а како образложение оттаму го наведоа тоа дека за само два месеца се случиле серија скандали на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а оти одговорност немало од никого.
Претходно вчера, прашан за својот личен став околу интерпелацијата на собранискиот претседател, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кажа оти треба да биде поддржана поради многуте направени престапи.