Од СДСМ сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ и нивниот лидер и актуелен премиер Христијан Мицкоски требало да бидат првите што ќе побараат одговорност од Гаши
Интерпелацијата за претседателот на Собранието Африм Гаши која е на дневен ред на утрешната собраниска седница ќе биде поддржана од пратениците на СДСМ и коалицијата.
Оваа одлука е донесена на денешната координација на пратениците од пратеничката група на СДСМ и коалицијата.
Како образложение на оваа одлука од СДСМ наведуваат дека за само два месеца се случиле серија скандали на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Според СДСМ, досега одговорност немало од никого, а како пример го посочуваат претседателот на Собранието.
„Имаше скандалозен инцидент на аеродромот во Скопје во кој меѓу другото обезбедувањето на Гаши нападна полицаец, се закануваше со пиштол и ги прекрши правилата и законите. Во својот извештај, Министерството за внатрешни работи констатираше дека обезбедувањето било незаконски испратено на аеродромот, со што одговорноста директно ја насочи токму кон Гаши кој ја дал наредбата на обезбедувањето“,
се наведува во денешното партиско соопштение испратено по завршување на состанокот.
Од СДСМ сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ и нивниот лидер и актуелен премиер Христијан Мицкоски требало да бидат првите што ќе побараат одговорност од Гаши по оваа констатација на МВР.
Како образложение зошто СДСМ ќе ја поддржат интерпелацијата за Гаши, во соопштението се наведува и скандалот со службено возило на свадба, како и минувањето на границата со Косово на сватовите на Гаши со приватни возила и без никаква контрола.
„Мицкоски ветуваше дека ниту еден политичар нема да биде поштеден од политичка одговорност доколку се докаже дека работел спротивно на правилата и законите, а сега ревносно го брани Гаши после сите скандали. Политичката одговорност мора да има и затоа пратениците на СДСМ ќе гласаат за интерпелацијата“,
се додава во соопштението.
Сите аргументи за ваквата одлука, од СДСМ велат дека ќе ги изнесат во дискусијата во македонското Собрание на седницата која е закажана за утре.
Денеска, пред да биде договорен официјалниот став на пратеничката група и коалицијата, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, го кажа својот личен став дека ја поддржува интерпелацијата за Гаши со образложение дека досега биле направени премногу престапи.
За утрешната интерпелација за собранискиот спикер Гаши, денеска на новинарски прашања одговараше и премиерот Христијан Мицкоски кој рече дека тие, како ВМРО-ДПМНЕ и како пратеничка група на коалицијата „Твоја Македонија“, нема да го поддржат овој предлог кој го оцени како „незрело, би рекол глупаво однесување на коалицијата СДСМ, ДУИ и Левица.
Минатата недела околу интерпелацијата поднесена против него на брифинг со новинарите одговараше и спикерот Гаши. Тој, иако смета дека интерпелацијата за него не е политички издржана, сепак вели дека ќе ја почитува одлуката на мнозинството, каква и да биде таа. Гаши рече дека е добро тоа што на седницата ќе се расправа и ќе може да ѝ се објаснат на јавноста наводите што се поднесени во таа интерпелација.
Интерпелацијата за претседателот на Собранието Африм Гаши која ја поднесоа пратениците на Левица, е ставена на дневен ред на 13. пленарна седница закажана за утре.