„Оние што веќе ги имаат платено августовските повисоки сметки, сумата ќе им биде намалена соодветно за повисоката уплатена сума во следните сметки. А во текот на месецов преостанатите ќе добијат нови коригирани сметки за август“, рече Бислимоски
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски, попладнево изјави дека граѓаните на Скопје можат да бидат спокојни бидејќи сметките на БЕГ за топлинска енергија се сторнирани и дека ќе добијат нови коригирани сметки за август.
„Оние што веќе ги имаат платено августовските повисоки сметки, сумата ќе им биде намалена соодветно за повисоката уплатена сума во следните сметки. А во тек на месецов преостанатите ќе добијат нови коригирани сметки за август“,
рече Бислимоски.
БЕГ на крајот на август достави сметки за парно до скопјани кои беа повисоки за околу 40 отсто. Единствена причина за зголемувањето на сметките за топлинска енергија, како што образложи Бислимоски, е тоа што во нив не е вкалкулирана субвенцијата што ја дава Владата за потрошувачите на топлинска енергија во Градот Скопје.
Претседателот на РКЕ на 1 септември на прес-конференција посочи дека Регулаторната комисија бара БЕГ да ги сторнира сите сметки коишто се испратени до потрошувачите и да се изготват нови сметки во коишто ќе биде вкалкулирана субвенцијата која што ја добиваат граѓаните од страна на Владата.
Од БЕГ пак излегоа со реакција дека не постои правна основа за аплицирање на субвенции во авансните августовски фактури до потрошувачите оти одлуката на Владата за субвенционирање е истечена на ден 30.04.2022 година.
Дополнително, од компанијата посочија дека субвенциите во висина од 99,6 милиони денари кои согласно одлуката на Владата, БЕГ ги пресметуваше во фактурите за топлинска енергија во февруари, март и април 2022 година сè уште не се исплатени.