За разлика од Бишевац, кој е номиниран за пратеник на 9. место во првата (скопска) изборна единица, на листите на ВМРО-ДПМНЕ за претстојните избори немаше место за голем број од досега најекспонираните личности во партијата
Името на поранешниот новинар Сафет Бишевац, еден период пратеник на СДСМ, синоќа предизвика најголемо изненадување кога лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ги читаше кандидатите на партијата за изборите на 12 април. За разлика од Бишевац, кој е номиниран за пратеник на 9. место во првата (скопска) изборна единица, на листите на ВМРО-ДПМНЕ за претстојните избори немаше место за голем број од досега најекспонираните личности во партијата.
Во новите листи на ВМРО-ДПМНЕ се запишани само имињата на седуммина од досегашната пратеничка група на партијата. Од пратениците, пак, кои во декември 2017 година бараа откажување на вонредниот конгрес за избор на Мицкоски на чело на партијата, на новите листи остана единствено Антонијо Милошоски, овој пат, како второрангиран во петтата ИЕ, каде што во 2016 година беше носител. Пред синоќешната седница на Централниот комитет, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, изјави дека на пратеничките листи на партијата ќе нема стари и компромитирани кадри.
Бишевац денеска во изјава за „360 степени“ ги негира наводите на генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, дека летото тој бил во партиското седиште и барал да биде кандидат за пратеник.
„Не сум член на СДСМ. Во 2011 година бев избран за пратеник како независен кандидат на листите на СДСМ. Затоа ме изненадува реакцијата на дел од сегашните членови на раководството на СДСМ. Не ја гледам поентата на нивната лага. Да играа фер, ќе кажеа дека бев во седиштето на СДСМ на нивно барање, за да ми понудат да работам во прес-центарот на партијата“,
тврди Бишевац.
Тој вели дека принципиелно го критикувал начинот на владеење на СДСМ, а за неговото приклучување на листата на ВМРО-ДПМНЕ вели дека е резултат на согласност дека се потребни нови политики за изградба на модерна и европска држава.
„Во последниот период во државава нема ни ‘р’ од реформи. Така не се гради модерна европска држава. Тоа се моите позиции до кои се држам. И во тој поглед важно ми е мислењето само на луѓето кои ми значат, другите може да мислат што сакаат“,
вели Бишевац.
„Реприза“ во обратна насока од 2014 година
Тој беше избран за пратеник на предвремените избори во 2011 година, кои следуваа набрзо по затворањето на А1 телевизија и во период кога на чело на СДСМ беше Бранко Црвенковски. Бишевац беше пратеник до изборите во 2014 година, на кои СДСМ излезе со речиси целосна нова постава на листите, така што и целото тогашно партиско раководство реши да не се кандидира на изборите.
Слично како и сега ВМРО-ДПМНЕ, тогашното ново раководство на СДСМ реши во најголем процент да оди со нови имиња на листите. Тогаш Бишевац беше еден од неколкутемина пратеници од составот 2011-2014 кои повторно се најдоа на листите. Но, осмото место во првата ИЕ не му донесе нов пратенички мандат на изборите во 2014 година, чии резултати СДСМ не ги призна и речиси една и пол година не учествуваше во работата на законодавниот дом.

Бишевац е рангиран на 9. позиција на листата во првата изборна единица, каде што на минатите избори ВМРО-ДПМНЕ освои осум, СДСМ 10, а ДУИ и Беса по еден мандат. Според тоа, шансите тој од прва да влезе во новиот парламентарен состав не се многу сигурни, ама би биле реални во случај дел од пратениците што ќе бидат избрани да се повлечат од функцијата. Но, голем број од досегашните ударни тупаници на ВМРО-ДПМНЕ во законодавната власт не добија ниту таква шанса.
На листите ги нема ниту поранешните претседатели на Собранието и на Владата
Илија Димовски, кој долго време беше координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ – се до повлекувањето од позицијата, ден по партискиот конгрес во Валандово, е еден од пратениците кои не влегоа во комбинаториките за претстојните избори. Тој засега се воздржува од коментар за тоа што го нема на листите, за разлика од Влатко Ѓорчев, кој преку Фејсбук им честиташе на новите кандидати за пратеници.
На новите листи го нема ниту поранешниот и најдолговечен досега претседател на парламентот Трајко Вељаноски, кој сега е меѓу обвинетите како организатор на насилствата во парламентот на 27 април 2017 година. Затоа, пак, на листата во третата ИЕ кандидат е повторно Јохан Тарчуловски, еден од амнестираните во големиот судски процес за „крвавиот четврток“, додека оперскиот пејач Игор Дурловски, единствениот кој беше ослободен од вина во овој процес, е носител на листата на ВМРО-ДПМНЕ во петтата ИЕ.

На новата листа го нема ниту првиот технички премиер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Емил Димитриев, поранешен генерален секретар на партијата. Очекувано, на листите, за кои од партијата тврдат дека се со 95 процент нови имиња, го нема ниту партискиот лидер Христијан Мицкоски. И тој никогаш досега не бил кандидат за пратеник. На претстојните избори, Мицкоски ќе настапува само како кандидат за премиер, така што во случај на изборен пораз повторно ќе остане без каква било државна функција.