По неколкумесечно одлагање, неделава двајца врховни судии се очекува да реферираат за два предмета од случајот на СЈО „Тенк“, објави БИРН.
Ова е првиот предмет на СЈО за кој се преиспитуваат донесените правосилни пресуди.
Едниот предмет се однесува на двегодишната затворска казна за Никола Груевски, како и за поранешниот помошник-министер во МВР, Ѓоко Поповски, кој беше осуден на четири и пол години затвор.
Адвокатите на Груевски во барањето навеле дека Апелациониот суд одлучувал за дело што застарело, односно дека апсолутната застареност настапила при телефонскиот разговор на Груевски со Јанкулоска, или при исплатата на „мерцедесот“, а не потоа. Ги оспоруваат и „бомбите“ како доказ, а приговараат и на начинот на водењето на записниците и изведувањето на доказите. Овој предмет пред колегите ќе го изнесе судијата Ристо Катавеновски
За вториот предмет за популарниот случај „Тенк“ треба да реферира судијата известител Џемали Саити. Таму ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска бара да ѝ се провери законитоста на постапката и да ѝ се преиспита четиригодишната затворска казна.
И во овој предмет обвинетата поранешна министерка преку нејзината адвокатка бара да се преиспита пресудата поради сторени повреди на законот и поради начинот на кој била водена кривичната постапка.
Петте судии по реферирањето на предметите може да побараат дополнително време за да ги проучат списите. Потоа треба да одлучат дали да ги потврдат, преиначат или да ги укинат пресудите за набавката на „мерцедесот“ од 600 илјади евра.