„Оваа година веќе им доделивме кандидатски статус на Украина, Молдавија и Грузија и верувам дека оваа година ќе имаме уште една позитивна одлука за Босна и Херцеговина“, изјави еврокомесарот за проширување Вархеји и додаде дека со тоа му се дава нов живот на проширувањето на Европската Унија
Босна и Херцеговина следниот месец може да добие кандидатски статус за членство Европската Унија, како што неодамна добија Украина, Молдавија и Грузија, најави европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји, јави Радио-телевизија БиХ.
„Во рамките на Европската комисија ги удвоивме нашите напори да ги ставиме на маса предлозите за проширувањето. Оваа година веќе им доделивме кандидатски статус на Украина, Молдавија и Грузија и верувам дека оваа година ќе имаме уште една позитивна одлука за Босна и Херцеговина“,
изјави Вархеји на прес-конференцијата во Барселона по одржување на Форумот на 43 земји од Унијата за Медитеранот.
Тој додаде дека со тоа му се дава нов живот на проширувањето, но, како што кажа, тоа е тежок процес.
„Но, се разбира, проширувањето е тежок процес. Сега земјите кандидати прво ќе треба да ги исполнат своите задачи“,
посочи Вархеји.
Според еврокомесарот, единствената позитивна работа која произлегла од руската инвазија на Украина е оти проширувањето на ЕУ носи долгорочно решение за воспоставување мир, безбедност и просперитет.
„Во таа смисла, проширувањето сега е врвен приоритет, не само на нашите соседи туку и на нас“,
изјави Вархеји.
Последната земја што стана членка на Европската Унија беше Хрватска во 2013 година.